Неколку лица загинаа во експлозија во бар во ексклузивниот швајцарски скијачки центар Кран-Монтана, а според дневниот весник „Ле Нувелист“, околу 40 лица страдале, додека околу 100 беа повредени.

Локалните власти одлучија да прогласат вонредна состојба од 9 часот наутро на 1 јануари, бидејќи во наредните денови ќе биде потребно да се мобилизираат сите ресурси.

Причината за пожарот сè уште не е утврдена, но се сомнева дека пиротехниката го предизвикала пожарот и експлозијата.

Главната обвинителка на кантонот Вале, Беатрис Пиу, изјави дека е во тек истрага „за да се утврдат околностите што довеле до оваа драматична ситуација“.

Властите исклучија дека станува збор за терористички напад и, како што наведоа, инцидентот се смета за пожар.
Оваа потврда дојде откако полицијата претходно изјави за „Скај њуз“ дека инцидентот не се третира како терористички чин.

Швајцарските власти, исто така, потврдија дека меѓу жртвите има државјани на други земји.
Медиумите првично тврдеа дека 10 лица ги загубиле животите.

На местото на несреќата беа испратени 10 хеликоптери, 40 амбулантни возила и 150 лица за итни интервенции.
Воведена е забрана за летови над Кран-Монтана, соопшти полицијата.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата