logo
logo
logo

Во шпанскиот парламент за прв пат почна да се зборува на регионалните јазици

Vecer | 19.09.2023

Во шпанскиот парламент за прв пат почна да се зборува на регионалните јазици

Пратениците користеа слушалки за да слушаат преводи на говори на каталонски, баскиски и галициски додека дебатираа за промена на правилата за да се дозволи нивна употреба, која претходно беше забранета во Долниот дом, но делумно прифатена во Сенатот.

Реформата е усвоена со 176 гласа за, 169 против и двајца воздржани.

Вршителот на должноста премиер Педро Санчез на тој начин се обидува да добие поддршка од каталонските сепаратисти за формирање влада. Привремената влада на Санчез, исто така, побара од Европската унија да ги направи трите јазици официјални во институциите на Унијата.

Хозе Рамон Гомез Бестеиро, социјалистички пратеник од северозападниот регион на Галиција, прво зборуваше на родниот галициски јазик, по што беше прекинат од екстремно десничарската пратеничка на Вокс, Пепа Милан, која се спротивстави.

Откако претседателот на парламентот ја опомена, 33-те пратеници на Вокс ја напуштија салата, оставајќи ги слушалките на местото каде што обично седи Санчез.

Пратениците од конзервативната Народна партија (ПП) одбија да користат слушалки.

Новата мерка е договорена на 17 август во замена за поддршка за кандидатурата на Франсин Арменгол за претседател на Долниот дом на Парламентот. Нејзиниот избор беше првиот чекор во обидите на Санчез да ги придобие регионалните партии за да го поддржат мандатот на новиот премиер.

Тој ќе мора да почека до крајот на септември неговиот конзервативен противкандидат, Алберто Нуњез Фејо од ПП, да се обиде да ја обезбеди премиерската функција бидејќи неговата партија беше релативен победник на изборите во јули. Фејо, кој исто така го зборува галицискиот јазик, досега не успеа да добие доволно поддршка за мнозинството.

Јавната употреба на регионалните јазици беше спречена од државата за време на диктатурата на Франциско Франко. По смртта на Франко во 1975 година, демократската влада воведе одредба во регионалните устави според кои баскискиот, галицискиот и каталонскиот, заедно со шпанскиот, се официјални јазици во нивните региони.

Употребата на тие јазици долго време е точка на расправија меѓу националистичката десница на Шпанија, која се залага за централизирана визија за земјата, и другите партии кои сакаат да ги зајакнат регионалните права и различности.

Се проценува дека девет милиони луѓе зборуваат каталонски, три милиони галициски и околу 750 илјади баскиски.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk