logo
logo
logo

Во Белгија приведени осум лица при истрага за меѓународна пирамидална шема за измами

Vecer | 29.09.2025

Во Белгија приведени осум лица при истрага за меѓународна пирамидална шема за измами

При претресите биле запленети компјутерска опрема, документи поврзани со шемата, одредена суми пари и луксузни предмети.  

Покрај осумтемина приведени, меѓу кои е и лице за кое се претпоставува дека е главен организатор на шемата, полицијата активно трага по уште неколкумина осомничени, кои се во бегство. 

Според полицијата, жртвите на измамата биле наведувани на „курсеви за финансиско инвестирање“, при што им било нудено да вложуваат средства во инвестиции, кои наводно би им донеле заработка во износ од 350 отсто од инвестираниот капитал.  

Овие нови „инвестиции“ всушност биле користени за исплата на „профитите“ на старите инвеститори, без воопшто да имаа некаква инвестициска активност. 

Истрагата за случајот е покрената откако 20-тина лица од Белгија го пријавиле случајот во полиција. Сепак, полицијата стравува дека овие 20-тина жртви се само „врв на ледениот брег“, посочувајќи дека измамените честопати од срам не сакаат да поднесат никакви пријави. 

Досегашните резултати од истрагата, која започнала на 16 септември, укажуваат дека „курсевите за финансиско инвестирање“ биле организирани онлајн и на нив присуствувале и лица кои живеат надвор од Белгија, па се претпоставува дека жртви на измамата има и во други земји. 

Полицијата проценува дека само во Белгија жртвите на измамата се оштетени за „неколку стотици илјади евра“, а дека на меѓународно ниво штетата веројатно достигнува до неколку милиони евра.  

Во соопштението на полицијата се апелира до граѓаните да биде внимателни кога ќе наидат на ветувања за нереална и загарантирана заработка, бидејќи најчесто станува збор за измама. 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk