Зборувајќи во емисијата „Средба со печатот со Кристен Велкер“ на NBC, Венс рече дека рускиот претседател Владимир Путин направил неколку отстапки, вклучително и тоа дека Украина ќе добие безбедносни гаранции што ќе ја заштитат од можна идна руска агресија. „Мислам дека Русите направија значајни отстапки кон претседателот Трамп за прв пат по три и пол години од овој конфликт“, рече Венс во соопштение објавено денеска.
„Тие разбраа дека нема да можат да инсталираат марионетски режим во Киев. Тоа, секако, беше важно барање на почетокот. И она што е важно, тие прифатија дека ќе има некаков вид безбедносна гаранција за територијалниот интегритет на Украина“, рече тој. Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, во интервју објавено денес изјави дека група нации, вклучувајќи ги и постојаните членки на Советот за безбедност на ОН, треба да бидат гарант за безбедноста на Украина.
„Русија може да биде поканета назад во светската економија ако престане да убива“
Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, повторно се закани завчера дека ќе воведе санкции врз Русија ако нема напредок кон мирно решение во Украина за две недели, изразувајќи ја својата фрустрација од Москва една недела по средбата со Путин во Алјаска.
Ванс рече дека санкциите треба да се одлучуваат од случај до случај, признавајќи дека новите санкции веројатно нема да ја охрабрат Русија да се согласи на прекин на огнот во Украина. Венс потсети дека Трамп овој месец објави дополнителни 25 проценти царини за индиска стока како казна за купувањата на руска нафта од страна на Индија, кои ќе стапат на сила на 27 август.
„Тој се обиде јасно да стави до знаење дека Русија може да биде поканета назад во светската економија ако го запре убивањето, но и дека ќе продолжи да биде изолирана ако не го запре убивањето“, рече Венс.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата