logo
logo
logo

Велика Британија го одложува законот за Чагос по критиките на Трамп

Vecer | 19.02.2026

Велика Британија го одложува законот за Чагос по критиките на Трамп

 Владата на Велика Британија ќе го одложи понатамошното усвојување на законодавството за префрлање на суверенитетот над архипелагот Чагос на Маврициус откако американскиот претседател Доналд Трамп јавно го критикуваше договорот, објави бриселскиот весник „Политико“.

Висок британски функционер, кој зборуваше под услов да остане анонимен, рече дека администрацијата ќе „одвои еден момент да размисли“ пред законот, кој ја формира основата на договорот, да биде вратен во Домот на лордовите.

Законот за британската територија во Индискиот Океан веќе беше повлечен во последен момент минатиот месец откако Трамп го нарече договорот „чин на голема глупост“.

Британската влада претходно веруваше дека постигнала договор со Вашингтон, според кој Маврициус ќе ја преземе контролата врз архипелагот, додека американско-британската воена база на Диего Гарсија ќе продолжи да работи под закуп.

Законот требаше да се врати во Горниот дом на парламентот следната недела откако американскиот Стејт департмент во вторникот изјави дека го поддржува договорот.

Меѓутоа, по новата објава на Трамп на платформата „Truth Social“, британската Влада одлучи да ги преиспита своите следни чекори.

Трамп рече дека Стармер „прави голема грешка“ и оцени дека враќањето на базата Диего Гарсија на закуп е „небезбедно“.

„Оваа земја не треба да се одземе од Велика Британија... Не го давајте „Диего Гарсија“, напиша американскиот претседател, нагласувајќи дека базата во Индо-Пацификот би можела да биде клучна во одбраната од Иран доколку преговорите за нуклеарната програма на Техеран не успеат.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk