Грандиозната процесија почна од неговата резиденција Санта Марта, каде живееше 12 години додека отворениот ковчег беше придружуван од долга поворка кардинали и папски војници познати како швајцарска гарда. Неговото тело привремено е балсамирано за да може да ги издржи високите температурите во текот на трите дена, колку што ќе остане во базиликата.
-Со длабока тага, сега ги придружуваме смртните останки на нашиот папа Франциск. Додека го напуштаме неговиот дом, да му благодариме на Бога за безбројните дарови што му ги подари на христијанскиот народ преку својот слуга, папата Франциск. , изјави Кевин Фарел, кардинал.
Реки луѓе се слеваат кон базиликата Свети Петар, кои ќе можат да се збогуваат со Папата до петок до полноќ. Велат засекогаш ќе остане симбол на скромноста и посветеноста кон сиромашните и маргинализираните.
-Беше близок до нашите срца. Ја направи црквата достапна до сите. Ни беше како член на семејството.
-Беше татко на црквата и пример за светост.
-Тажна сум, но благословена што сум тука.
-Не учеше сите како да бидеме христијани и луѓе. Среќни сме за тоа и ќе го следиме. Сакаме Папа Франциск II сега.
Телото на Папата во Базиликата ќе остане до сабота, кога ќе биде пренесено во неговото вечно почивалиште во црквата Санта Марија Маџоре во Рим, каде ќе биде погребан по негова желба, што е прв пат по еден век тоа да се случи надвор од Ватикан. Потоа очите на католичкиот свет се селат во Сикстинската капела, каде најдоцна за 20 дена 138 кардинали треба да го изберат наследникот на Франциск. Гласањето ќе трае се додека некој не добие двотретинско мнозинство, што може да трае со денови.
-Кардиналите во суштина се соочуваат со два избора на изборите. Дали ќе го продолжат патот на реформите што го иницираше Франциск преку отворањето на црквата кон модерниот свет или ќе сакаат да го сменат курсот и да изберат папа кој ќе биде фокусиран на доктрина и дисциплина. , велат аналитичарите.
На погребот во сабота се очекува да присуствуваат над 250 илјади луѓе. Меѓу нив ќе биде и македонската претседателка Сиљановска Давкова. Присуство најавија повеќе светски лидери, меѓу кои и Трамп, Макрон, Стармер, Лула да Силва, Зеленски, шефицата на европската Комисија Фон дер Лајен.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата