Украинскиот премиер Денис Шмихал откри детали од нацрт-договорот со САД за минерали, велејќи дека текстот покажува дека Вашингтон ги поддржува напорите на Киев да добие безбедносни гаранции, но засега без да даде никакви конкретни детали.
Договорот е во срцето на напорите на Киев да добие силна поддршка од Доналд Трамп, додека американскиот претседател се обидува брзо да ја заврши војната со Русија. Поддржувачите на Украина стравуваат дека договорот меѓу САД и Русија може да биде штетен за украинските национални интереси.
Денис Шмихал, премиерот на Украина, рече дека владата ќе го одобри нацрт-договорот подоцна во среда, за да може да биде потпишан кога претседателот Володимир Зеленски ќе го посети Вашингтон во петок за да се сретне со Трамп, пишува Јутарњи лист.
„Откако украинскиот и американскиот претседател ќе се договорат за безбедносните гаранции, ќе се договорат како да се поврзе овој прелиминарен договор со безбедносните гаранции од САД за нашата земја, во присуство на двајцата претседатели, претставник на украинската влада ќе потпише прелиминарен договор“, рече Шмихал.
Премиерот додаде дека Киев ќе придонесе со 50 отсто од „сите приходи од идната монетизација на сите релевантни државни природни ресурси и релевантна инфраструктура“. Тие приходи ќе одат во фонд под заедничка контрола на САД и Украина, додаде тој.
„Веќе постоечките депозити, објекти, лиценци и закупнини не се предмет на дискусија при создавањето на овој фонд“, додаде Шмихал.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата