Пред неколку дена Украина врати во Германија серија од 10 тенкови Леопард 1А5 бидејќи им требало поправка, пишува германски Шпигел.
Украинската страна не можела сама да ги поправи бидејќи моментално ги немаат потребните техничари и делови.
Германскиот весник пишува дека Киев го известил специјалниот штаб на германското Министерство за одбрана дека германските тенкови Леопард 1 кои пристигнаа во Полска имаат потреба од поправка, а на некои од нив им е потребен голем ремонт.
Германската страна испрати група експерти во Полска за самите да ги проверат тенковите. Таму откриле дека тенковите се „веќе доста истрошени по обуката на украинските војници во Германија и имаат потреба од поправка“.
Исто така, неколку тенкови Леопард 1А5, од претходната серија од 10 возила што пристигнаа во Украина во јули, се расипани од истата причина.
Германското Министерство за одбрана изјави за Шпигел дека не може да коментира „конкретен поединечен инцидент“ и додаде дека тенковите Леопард се ремонтираат „заедно со Украина по интензивната обука во Германија“.
Германскиот весник наведува и дека состојбата на тенковите Леопард 1А5, од кои Германија вети дека ќе испорача околу стотина на Украина, ги одразува планирачките проблеми во логистиката на германската воена помош.
Тенковите „заглавени“ во Полска се втората транша од планираната голема испорака на тенкови Леопард 1А5.
Бундесверот ги повлече од употреба пред повеќе од 10 години, но бидејќи многу од овие тенкови сè уште се во складиште, наредени се поправки што е можно поскоро.
На почетокот на август беше објавено дека Германија ќе и достави речиси 30 дополнителни тенкови Леопард 1 на Украина, откако концернот за оружје Рајнметал ги купи од Белгија.
Дополнително, според извештаите на медиумите, Германија и се обратила на Грција со предлог да и достави на Украина 100 грчки леопард 1А5 кои сега се во употреба, во замена за надградени оклопни возила.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата