logo
logo
logo

Украина и Русија ја започнаа втората рунда преговори во Абу Даби

Vecer | 04.02.2026

Украина и Русија ја започнаа втората рунда преговори во Абу Даби

Дводневните трилатерални состаноци доаѓаат откако украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Русија го искористила минатонеделниот договор за „енергетски“ прекин на огнот, постигнат со помош на САД, за да складира муниција, напаѓајќи ја вчера Украина со рекорден број балистички ракети.

„Уште една рунда преговори започна во Абу Даби. Процесот на преговори започна во трилатерален формат на Украина, САД и Русија“, објави главниот украински преговарач Рустем Умеров на Телеграм.

Умеров рече дека тимовите ќе се состанат и во одделни групи за да разговараат за специфични теми, по што ќе следи заеднички состанок за усогласување на ставовите.

Во текот на изминатата година, администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ги охрабри и Киев и Москва да најдат компромис за да го прекинат четиригодишниот конфликт, кој започна со руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, но двете страни остануваат дистанцирани по клучните точки и покрај неколкуте рунди разговори со американски претставници.

Најчувствителните прашања се барањето на Москва раководството во Киев да се откаже од територијата што сè уште ја контролира и судбината на нуклеарната централа Запорожје, најголемата во Европа, која се наоѓа во област под руска окупација.

Како услов за каков било договор, Москва сака Киев да ги повлече своите трупи од целиот источен регион Доњецк, вклучувајќи го и појасот од силно утврдени градови што се сметаат за една од најсилните одбрани на Украина. Украина изјави дека конфликтот треба да биде замрзнат по сегашната линија на фронтот и отфрли какво било еднострано повлекување на своите сили.

Русија моментално контролира околу 20 проценти од територијата на Украина, вклучувајќи го Крим и делови од источниот регион Донбас заземени пред инвазијата во 2022 година. Воените аналитичари известуваат дека руските сили зазеле околу 1,5 проценти од украинската територија од почетокот на 2024 година.

Анкетите покажуваат дека повеќето Украинци се противат на договор со кој земјата би ѝ се предала на Москва. Жители на Киев денеска изразија скепса дека новата рунда разговори ќе донесе некаков значаен напредок.

„Секако, да се надеваме дека нешто ќе се промени. Но, не верувам дека нешто ќе се промени сега. Ние нема да попуштиме, а ниту тие“, изјави 38-годишниот таксист Серхиј за британските медиуми.

Првата рунда разговори се одржа во ОАЕ минатиот месец, што беа првите директни јавни преговори меѓу Москва и Киев.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk