Турските безбедносни служби привеле тројца градоначалници кои припаѓаат на опозициската Републиканска народна партија (ЦХП), информираат турските медиуми.
Меѓу уапсените се градоначалниците на Анталија, Адана и Адијаман, заедно со заменик-градоначалникот на истанбулскиот реон Бујукчекмеџе. Апсењето е дел од поширока истрага што започнала во октомври минатата година.
Обвинителството ги сомничи овие лица, во придружба со уште осуммина, за изнудување.
Од Републиканската народна партија ги негираат ваквите обвинувања, тврдејќи дека апсењата се дел од поширока политичка кампања насочена кон опозицијата, која подолго време има тензични односи со власта на претседателот Реџеп Таип Ердоган.
Новите апсења се надоврзуваат на низата вакви случаи против членови на опозицијата во последниве години.
Во март годинава, беше уапсен и градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, еден од најгласните противници на сегашната власт. Овој настан предизвика масовни протести низ земјата, најголеми од последната деценија.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата