Кинеските онлајн продавници „Тему“ и „Шејн“ познати по ниските цени, најавија дека од следната недела, односно од 25 април ќе ги зголемат цените на своите производи поради новите царини и трговски мерки кои ги воведе американскиот претседател Доналд Трамп. Овие мерки значително ги зголемиле оперативните трошоци на компаниите.
Двете компании ги повикаа потрошувачите да ја искористат можноста дотогаш да купуваат по актуелните цени, пренесе „Ројтерс“.
„Поради неодамнешните промени во правилата и тарифите во глобалната трговија, нашите оперативни трошоци се зголемија. За да продолжиме да ги нудиме производите што ги сакате без компромис за квалитетот, ќе бидеме принудени да ги прилагодиме цените од 25 април“, се вели во соопштението на кинеските компании.
„Шејн“ и „Тему“ нудат производи од играчки до паметни телефони.
Нивниот бизнис модел е под закана по неодамнешната наредба потпишана од американскиот претседател Доналд Трамп за затворање на „трговската дупка“ што дозволуваше пакетите поевтини од 800 долари да влезат во САД без царина од Кина и Хонг Конг.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата