Трамп во обраќањето до нацијата од Белата куќа рече дека САД ќе ги уништат сите ирански електрани и дека ќе ги гаѓаат нафтените постројки, доколку со иранските лидери не се постигне договор.
- Од почетокот на операцијата „Епски бес“ јасно ставив до знаење дека ќе продолжиме додека нашите цели во целост не се остварат. Благодарение на напредокот што го постигнавме, вечерва можам да кажам дека сме на добар пат наскоро, многу брзо, да ги исполниме сите американски воени цели. Ќе ги удриме исклучително силно во наредните две до три недели. Ќе ги вратиме во камено доба, каде што и им е местото – изјави Трамп.
Трамп ја потсети Америка дека минатите војни – Првата светска војна, Втората светска војна, Корејската војна, Виетнамската војна и војната во Ирак – траеле со години, додека очекува оваа операција наскоро да заврши.
- Во оваа воена операција, толку моќна, толку брилијантна, сме против една од најмоќните земји веќе 32 дена, а земјата е уништена. Во меѓувреме, разговорите се во тек. Промената на режимот не беше наша цел. Никогаш не сме рекле промена на режимот. Но, до промена на режимот дојде поради смртта на сите нивни првобитни водачи. Сите се мртви. Новата група е помалку радикална и многу поразумна – оцени Трамп.
Тој истакна дека САД, ако „не биде постигнат договор, ќе го насочат погледот кон клучните цели“, и дека американската војска би можела „многу силно и веројатно истовремено да ја погоди секоја нивна електрана“. Трамп се закани дека во случај да не биде постигнат договор, ќе ги гаѓа постројките на иранската нафтена индустрија.
- Во изминатите четири недели, нашите вооружени сили остварија брзи, одлучни, убедливи победи на бојното поле. Победи какви што малку кој некогаш видел. Никогаш во историјата на војувањето непријателот не претрпел толку јасни и разорни загуби од големи размери за само неколку недели. Нашите непријатели губат, а Америка, како што беше случај пет години под мое претседателство, победува, и сега победува повеќе од кога било претходно – изјави Трамп.
Тој рече дека иранската морнарица е уништена и дека „драматично е намалена“ способноста на земјата да лансира ракети и дронови, како и дека „клучните стратешки цели“ на војната се „близу до завршување“. Трамп им оддаде признание на 13-те американски војници кои загинаа во судирот со Иран на Блискиот Исток.
- Ги дадоа своите животи во оваа борба за да спречат нашите деца некогаш да се соочат со нуклеарен Иран. Ги поздравуваме и сега мораме да им оддадеме почит така што ќе ја исполниме мисијата за која ги дадоа своите животи – изјави Трамп.
Американскиот претседател рече дека без оваа интервенција во Иран, „најнасилниот и најсуровиот режим на светот би бил слободен да ги спроведува своите кампањи на терор, присила, освојување и масовни убиства зад нуклеарниот штит“.
Трамп додаде дека „не би имало ниту Близок Исток ниту Израел во овој момент“ доколку не го раскинел нуклеарниот договор со Иран од времето на поранешниот американски претседател Барак Обама, и наведе дека Иран бил „на прагот“ да создаде нуклеарно оружје и дека претставувал егзистенцијална закана за САД и за „слободниот свет“.
Тој рече и дека иранските официјални лица „исто така брзо граделе огромни резерви на конвенционални балистички ракети“ и дека наскоро би имале ракети кои би можеле да стигнат до цели во САД, Европа и „практично на кое било друго место на земјата“. Тој кажа дека Иран е одговорен за високите цени на гасот и дека другите земји мора да ја „заземат“ Ормуската Теснина.
- Многу Американци се загрижени поради неодамнешниот раст на цените на бензинот дома. Овој краткорочен пораст е во целост резултат на терористичките напади на иранскиот режим врз комерцијални танкери за нафта и врз соседните земји кои немаат никаква врска со судирот – истакна Трамп.
Тој додаде дека земјите кои во голема мера зависат од Ормуската Теснина, главната нафтена рута која Иран ја затвори од почетокот на судирот, „мора да се грижат за тој премин“ и да „отидат до теснецот и едноставно да го заземат“.
Трамп им предложи на земјите кои не можат сами да купат доволно гориво, поради затворањето на Ормуската Теснина, да го купат од САД. Според него, кога судирот ќе заврши, „теснецот природно ќе се отвори“.
Трамп во своето прво обраќање до нацијата во ударен термин од почетокот на војната во Иран на 28 февруари, сигнализираше дека сака наскоро да ја заврши војната и изрази оптимизам во врска со индиректните разговори меѓу САД и Иран кои се одржаа во последните денови.
Американскиот претседател ги пофали сојузниците на САД на Блискиот Исток, вклучувајќи го Израел и неколку арапски држави, и не го критикуваше директно НАТО, откако во последните денови изрази фрустрации кон алијансата поради тоа што земјите-членки одбиле да им помогнат на САД да ја отворат Ормуската Теснина, низ која се транспортира една петтина од светските резерви на нафта.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата