logo
logo
logo

Трамп тврди дека Путин се согласил на еднонеделно примирје

Vecer | 29.01.2026

Трамп тврди дека Путин се согласил на еднонеделно примирје

„Јас лично го замолив претседателот Путин да не ги таргетира Киев и другите градови и места една недела“, рече Трамп на брифинг за медиумите, нагласувајќи дека Украина се соочува со екстремно ниски температури. „И тој се согласи. Морам да ви кажам, тоа беше многу убаво.“

Американскиот претседател не разјасни кога или на кој начин му го упатил тоа барање на Путин, како и од кој датум треба да стапи во сила наводното примирје. Коментарите на Трамп, исто така, следеа по шпекулациите дека Киев и Москва се согласиле на пауза во нападите врз енергетската инфраструктура, иако ниту една страна не ги потврди тврдењата ниту ја коментираше изјавата на Трамп.

Во меѓувреме, украинските воздухопловни сили објавија дека московските сили лансирале повеќе од 100 беспилотни летала во Украина преку ноќ, при што се регистрирани 18 погодоци во различни области.

Русија: Примирјето што го бара Зеленски е неприфатливо

Да ве потсетиме дека претходно денес, тесноградиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Русија го смета примирјето што го бара украинскиот претседател Володимир Зеленски за неприфатливо.

Претходно, имаше непотврдени извештаи дека и на руските и на украинските сили им е наредено привремено да ги прекинат нападите врз енергетската инфраструктура. Информациите се проширија преку воени блогови и канали на Телеграм, без официјална потврда од Москва или Киев, а беа објавени од „Киев пост“.

Според про-кремљскиот блогер Владимир Романов, на руските сили наводно им е забрането да напаѓаат инфраструктурни објекти низ цела Украина, вклучувајќи го Киев и околината, како и трафостаници, термоцентрали, хидроелектрани и објекти за складирање гас, нафта и гориво.

Според тие изјави, забраната требало да трае до 3 февруари. Во исто време, украинскиот канал „Супернова+“ објави дека слична усна инструкција наводно стигнала до украинските војници, со повик да не се напаѓа руската енергетска инфраструктура.

Овие извештаи потоа беа поврзани со трилатералните преговори одржани на 23 и 24 јануари во Абу Даби, во кои учествуваа и САД.

„Фајненшл тајмс“ напиша дека се зборува за можно запирање на руските напади врз украинските енергетски објекти во замена за тоа Киев да се воздржи од напади врз руските нафтени објекти и танкери. Сепак, некои украински канали предупредија дека нема конечен договор и дека секој прекин ќе биде краткотраен.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk