Портпаролот на Пентагон, Шон Парнел, додаде дека тројца луѓе се ранети, а напаѓачот бил застрелан.
Нападот е извршен во градот Палмира, во пустински регион во централната сириска провинција Хомс, каде американската војска одржувала антитерористичка операција, прецизира Парнел.
Напаѓачот бил член на сириските безбедносни сили, изјавија тројца локални функционери, пренесуваат медиумите.
Портпарол на сириското Министерство за внатрешни работи изјави за државната телевизија „Ал Ехбарија“ дека напаѓачот не бил на раководна позиција во безбедносните сили, но не го прецизираше неговиот чин.
„Беше донесен заклучок дека напаѓачот можеби споделувал екстремистичка идеологија, а конечната проценка по ова прашање ќе биде објавена утре“, рече портпаролот Нуредин ел Баба.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека сите Американци тагуваат за загубата на тројца големи патриоти на САД кои беа убиени од заседа во Сирија.
Тој на својата социјална мрежа „Трут Соушл“ напиша дека САД решително ќе одговорат на терористичката „Исламска држава“ (ИД), ако американските сили бидат нападнати повторно. „Ова е напад на ИД врз САД и Сирија во еден многу опасен реон на Сирија“, посочи Трамп.
Древниот град Палмира, дел од светското наследство на УНЕСКО, беше контролиран од „Исламска држава“ за време на „калифатот“ прогласен од терористичката организација, откако зазеде делови од Сирија и соседен Ирак. Џихадистичката групација подоцна ги загуби тие територии, но продолжува да врши напади во Сириската пустина и други области.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата