Ултиматумот истекува вечерва, вечерва во два по полноќ по средно-европско време, а Трамп на социјалната мрежа „Трут“ Сошл напиша дека иако има надеж дека помалку радикални умови ќе надвладеат во Техеран, сепак додаде дека 47 години на Исламската држава кои ги оцени како години на изнуда, корупција и смрт вечерва ќе завршат.
Американскиот претседател претходно веќе порача дека има план за масовни напади кои како што тврди може да се реализира за само неколку часа и покрај предупредувањата од Обединетите Нации дека ваквиот чин сериозно би го прекршил меѓународното право. На мета би биле електричните централи, мостовите и клучната инфраструктура.
-Имаме план поради силата на нашата војска со кој секој мост во Иран ќе биде уништен до 12 часот утре вечер, каде секоја електрична централа ќе биде ставена вон употреба, ќе гори, ќе експлодира и никогаш повеќе да не се употребува, мислам на целосно уништување до 12 часот. Тоа ќе се случи во период од околу четири часа ако сакаме да се случи,--Доналд Трамп – Претседател на САД.
Паралелно со Трамп и Израел испрати предупредување до иранските граѓани да избегнуват железнички станици и патувања со воз во наредните 12 часа. Властите во Исламската република сепак, најавија дека немаат намера да отстапат. Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан на социјалните мрежи напиша дека тој и уште 14 милиони иранци се подготвени да ги жртвуваат своите животи, додека функционери на Исламската република ги повикаа младите во земјата да направат жив ѕид околу електраните и мостовите. На тој начин според нив, ќе се покаже пред светот, дека Соединетите Држави се подготвени да извршат воено злосторство.
-Ги повикувам сите млади, спортисти, уметници, студенти и професори денеска да бидат околу електричните централи кои се во нашиот главен град. Без разлика на политичките гледишта, сите сте дел од иднината на Иран и младината на Иран соберете се за да му кажеме на светот дека напад врз јавна инфраструктура е воено злосторство,- - Алиреза Рахими – Секретар на врховниот совет на млади на Иран.

Во меѓувреме, како што се приближува истекот на рокот од ултиматумот, цените на нафтата продолжуваат да растат на светските берзи и достигнаа до 111 долари за барел.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата