Претседателот на САД, Доналд Трамп, стави потпис на новиот опсежен закон за даноци и буџет, кој беше изгласан со мала предност во Конгресот.
Со овој закон се продолжуваат намалувањата на даноци од 2017 година, а истовремено се предвидуваат дополнителни 150 милијарди долари за воени расходи и уште 100 милијарди за имиграциските служби.
Од друга страна, се најавуваат намалувања кај федералната здравствена програма Медикејд и субвенциите за храна, што според експертите може да погоди милиони граѓани со ниски приходи.
Иако администрацијата истакнува дека овие мерки ќе го стимулираат економскиот раст, критичарите предупредуваат на опасност од зголемен буџетски дефицит и уште поголеми социјални разлики.
Според проценките на Конгресното буџетско биро, околу 12 милиони Американци може да останат без здравствено осигурување, додека повеќе од 40 милиони лица кои добиваат помош за храна ќе бидат погодени од намалената поддршка.
Новата законска регулатива предизвика поделеност и внатре во Републиканската партија, при што само двајца пратеници гласаа против.
Демократите овој закон го критикуваат како „напад врз сиромашните“, а претседателот Трамп, по потпишувањето, го оцени како "најголема победа за Америка пред празникот на независноста".
Спроведените анкети укажуваат на слаба поддршка во јавноста за ова законско решение, најмногу поради влијанието врз социјалните програми.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата