Американскиот претседател Доналд Трамп изненади многумина со изјавата дека ќе го „реновира и отвори Алкатраз“, а со цел „да се справи со насилните криминалци и нелегалните имигранти“.
Станува збор за озлогласениот казамат во заливот Сан Франциско, затворен во 1963 година, во кој бил затворен познатиот гангстер Ал Капоне. Денес, тоа е една од најважните туристички атракции на западниот брег на САД.
„Нема да бидеме заложници на криминалци“
Во објава на Truth Social во неделата навечер, Трамп напиша дека затворот ќе служи како „симбол на законот, редот и правдата“.
Тој наредил повторно отворање на значително проширениот и реновираниот Алкатраз, попознат како „Карпата“. Тој додаде дека во него ќе бидат сместени „најсуровите и најнасилните криминалци“.
Трамп нагласи дека САД „повеќе нема да толерираат сериски криминалци кои шират нечистотија, крвопролевање и хаос на улиците“.
„Затоа му наредувам на Бирото за затвори, заедно со Министерството за правда, ФБИ и Службата за национална безбедност, повторно да го отворат Алкатраз. Повеќе нема да бидеме заложници на криминалци, бандити и судии кои се плашат да си ја работат работата и ни дозволуваат да ги отстрануваме криминалците кои нелегално влегле во земјата“, напиша тој.
Кој беше последниот затвореник?
Озлогласениот Алкатраз се затвори во март 1963 година, помалку од 30 години откако ги отвори своите врати. Во него биле сместени најпознатите криминалци, меѓу кои Капоне, Мики Коен и Џорџ Кели, објавува „ЛедБибл“.
Последниот затвореник што ја напушти „Карпата“, тогаш дотраен затвор со максимално обезбедување, беше шверцерот на оружје Френк Ведерман. Во таа прилика тој рече: „Браво за мене. Браво за сите. Алкатраз никому не му донесе добро.“
Заедно со десетици затвореници, тој беше префрлен во други установи низ САД откако владата објави дека го затвора Алкатраз.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата