Трамп најави дека воведува царини од 25 отсто за целиот увоз на челик и алуминиум во САД, покрај постојните давачки за метали.
Трамп, во изјава пред овинарите на „Air Force One“ на пат кон „Super Bowl“ во Њу Орлеанс, рече дека ќе ги објави новите тарифи за метали утре или најдоцна в среда, ќе одговараат на тарифните стапки што ги наметнува секоја земја и ќе стапат на сила веднаш.
„Ќе ги објавам деталите многу прецизно, тоа ќе биде одлично за сите вклучително и за другите земји. Но ако нам ни наплаќаат 130%, а ние не им наплаќаме ништо, нема да може така. За секоја земја ќе биде реципрочно. Можеби нема да влијае на сите, затоа што некаде имаме слични тарифи, но оние што ги искористуваат предностите на Соединетите Американски Држави, ќе имаме реципроцитет и тоа ќе го соопштиме на прес-конференција во вторник или среда.“ - Доналд Трамп,Претседател на САД.
За време на неговиот прв мандат, Трамп воведе царини од 25% за челик и 10% за алуминиум, но подоцна додели бесцарински квоти на неколку трговски партнери, вклучувајќи ги Канада, Мексико, ЕУ и Велика Британија.
Најновите тарифни закани на Трамп доаѓаат откако минатиот месец тој ги објави плановите за воведување царини од 25 отсто за сите канадски и мексикански стоки, како и царина од 10 отсто за кинескиот увоз, а подоцна се согласи да ги одложи мерките за Канада и Мексико, откако двете земји се согласија да ги заострат мерките запирање на протокот на илегална дрога и мигранти. По најавите за т.н. „одмазнички царини“ од Европската комисија соопштија дека нема да коментираат општи изјави без конкретно или писмено појаснување. Од таму најавија дека ќе реагираат за заштита на интересите на европските компании во случај на „неоправдани мерки“.
Францускиот претседател Емануел Макрон му се обрати на Трамп дека прв проблем е Кина, а Европа е сојузник на САД. Макрон попсочи дека доколки сакаат ЕУ да биде ангажирана во поголеми инвестиции, безбедност и одбрана, тоа не треба да им наштети на европските економии со закана за царини.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата