Во обид да се зголеми притисокот врз Иран пред разговорите, најверојатно повторно во Пакистан, Пентагон испраќа нови шест илјади трупи на Блискиот Исток на веќе постоечките 50 илјади, пишува Вашингтон Пост. Додека Иран уверува дека нема да подлегнат на притисоци, последните информации велат дека Трамп настојува на финален договор пред да го пречека британскиот крал Чарлс кон крајот на месецов во Вашингтон.
-Дали оваа војна е завршена? Мислам дека е блиску до крајот, да. Мислам дека ја гледам близу до крајот. Знаете што? Ако го покачев влогот сега, ќе им требаа 20 години да ја обнова земјата. Не сме завршиле, ќе видиме што ќе се случи. Тие многу очајно сакаат договор. , изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
-Иран не бара војна, напротив отсекогаш сакал дијалог и конструктивен ангажман. Сите обиди на САД или Израел да го принудат Иран да се предаде се осудени на неуспех. Иранската нација никогаш нема да прифати таков пристап. , изјави Масуд Пезешкијан, претседател на Иран.
Најавите за нова рунда разговори повторно ја симнаа цената на нафтата, денеска, на 95 долари за барел. Во Ормускиот теснец продолжува американската блокада со цел да ги задуши иранските приходи од нафта, иако извештаите сугерираат дека повеќе од 20 комерцијални бродови поминале низ критичниот канал. Токму затворањето на клучната нафтена рута, според последните проекции на Меѓународниот монетарен фонд, носи опасност од глобална рецесија, што би било петти пат во последниот половина век.
-Нашето неповолно сценарио претпоставува понатамошни нарушувања што ќе доведат до повисоки цени на енергијата и очекувана инфлација и построги финансиски услови во текот на целата година. Растот паѓа на 2,5% оваа година, а инфлацијата се зголемува за 5,4%, Пјер-Оливие Гуринчас, главен економист во ММФ.
Проценките се дека Иран изминатиот месец од извозот на нафта заработил 40 проценти повеќе отколку пред војната, извезувајќи во просек по два милиони барели дневно.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата