logo
logo
logo

Трамп: Мора да го имаме Гренланд за безбедноста на САД

Vecer | 23.12.2025

Трамп: Мора да го имаме Гренланд за безбедноста на САД

Како одговор на прашањето на Би-Би-Си за новата улога на Џеф Ландри, републиканскиот гувернер на Луизијана, кој беше назначен за специјален пратеник за Гренланд, тој, исто така, изјави дека Вашингтон „ќе мора да го реши тоа“ и дека на САД „им е потребен Гренланд за национална безбедност, а не за минералите“.

Американскиот претседател предизвика нов спор со Данска откако го именуваше гувернерот на Луизијана, Џеф Ландри, за специјален пратеник за Гренланд, огромниот арктички остров за кој рече дека сака да го анектира.

Премиерите на Данска и Гренланд, Мете Фредериксен и Јенс-Фредерик Нилсен, вчера во заедничка изјава го повторија барањето за почитување на нивните граници, откако Ландри претходно објави дека е „почестен што служи за Гренланд да стане дел од САД“.

„Веќе го кажавме тоа и претходно, сега го повторуваме. Националните граници и суверенитетот на државите се утврдени во меѓународното право. Не можете да анектирате други земји“, рекоа премиерите во заедничка изјава, пренесува „Гардијан“.

Тие додадоа дека станува збор за „основни принципи“.

„Гренланд им припаѓа на Гренланѓаните и САД не треба да го преземат Гренланд. Очекуваме почитување на нашиот заеднички територијален интегритет“, се наведува во заедничкото соопштение.

Претходно, шефот на данската дипломатија, Ларс Локе Расмусен, изјави дека неговата земја инсистира дека сите, вклучително и САД, мора да го почитуваат „територијалниот интегритет на Кралството Данска“.

Портпаролот на ЕУ, Анвар Ел-Ануни, исто така, реагираше на изјавата на Ландри, велејќи дека територијалниот интегритет и суверенитетот на Кралството Данска мора да се зачуваат.

На почетокот на својот втор претседателски мандат, во јануари оваа година, Трамп ја објави својата намера да го преземе Гренланд, наведувајќи ја неговата стратешка позиција за безбедноста на САД како објаснување, додека Данска, која ја контролира арктичката територија во последните 300 години, одби да се откаже од Гренланд.

Ова не е прв обид на САД да го купат Гренланд од Данска, а првите такви преговори ги водеше американскиот државен секретар Вилијам Х. Сивард во 1867 година, кога не беше постигнат никаков договор.

Во 1946 година, САД понудија 100 милиони долари за територијата, сметајќи ја за витална за националната безбедност, но данската Влада одби.

Трамп се обиде да го купи Гренланд за време на неговиот прв мандат како претседател, но данската и Владата на Гренланд ја отфрлија понудата во 2019 година.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk