logo
logo
logo

Трамп: Многу „гадови“ во САД го сакаа Епштајн, а сега лажно тврдат дека не го познаваат

Vecer | 26.12.2025

Трамп: Многу „гадови“ во САД го сакаа Епштајн, а сега лажно тврдат дека не го познаваат

 Американскиот претседател Доналд Трамп во својата божиќна честитка изјави дека „многу гадови“ во Соединетите Американски Држави го сакале финансиерот и осуден сексуален престапник Џефри Епштајн, за потоа, кога Епштајн беше обвинет за педофилија, „лажно да тврдат дека немаат никаква врска со него“.

- Среќен Божиќ на сите, вклучително и на многуте гадови кои го сакаа Џефри Епштајн, му даваа купишта пари, одеа на неговиот остров, присуствуваа на неговите забави и мислеа дека е најдобриот човек на светот, само за да го ’шутнат како куче‘ кога работите станаа премногу жешки, лажно тврдејќи дека немаат никаква врска со него, дека не го познаваат, велејќи дека е одвратна личност, а потоа обвинувајќи го, секако, претседателот Доналд Џ. Трамп, кој всушност беше единствениот кој се дистанцираше од Епштајн, и тоа многу пред тоа да стане модерно, напиша Трамп на „Трут Соушл“ (Truth Social).

Тој додаде дека ќе има многу објаснувања кога ќе се откријат имињата на сите кои имале врска со Епштајн „во тековниот лов на вештерки од страна на радикалната левица“ и „кога ќе се открие дека сите се демократи“. Трамп спореди дека ова ќе биде слична ситуација како кога медиумите пишуваа за наводното мешање на Русија во претходните претседателски избори, за што рече дека било „измислена приказна – целосна измама“.

- Неуспешниот „Њујорк тајмс“, меѓу многуте други, беше принуден да се извини поради своето лошо и погрешно известување за изборите … Сега истите губитници се повторно тука, само што овојпат толку многу нивни пријатели, главно невини, ќе бидат тешко повредени и ќе им биде нарушен угледот. Но, за жал, таков е светот на корумпираната демократска политика! Уживајте во она што би можело да биде ваш последен среќен Божиќ, додаде Трамп.

Американското Министерство за правда соопшти дека Сојузното обвинителство за јужниот округ на Њујорк и ФБИ откриле повеќе од милион дополнителни документи кои би можеле да бидат поврзани со Епштајн, а поради обемноста на материјалот, процесот на објавување би можел да потрае уште неколку недели. Објавените документи вклучуваат видео-записи, аудио-снимки и фотографии на кои покрај Епштајн се појавуваат многу влијателни личности од светот на политиката и бизнисот.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk