Во интервју за Фокс њуз, Трамп ги откри и деталите од неговиот разговор со кинескиот претседател Си Џинпинг за Иран и Ормутскиот теснец. Според него, Си му рекол дека Кина нема да испраќа воена опрема во Иран и дека сака клучниот воден пат да остане отворен, објави Ројтерс.
„Кина нема да обезбедува воена опрема“
„Тој рече дека нема да дава воена опрема. Тоа е голема изјава“, рече Трамп, коментирајќи го ставот на Кина кон Техеран.
Трамп додаде дека Кина има силен интерес за стабилност во Персискиот Залив бидејќи увезува големи количини нафта од регионот. „Тој рече дека купуваат многу нафта таму и би сакале да продолжат со тоа“, рече американскиот претседател, додавајќи дека Си „би сакал да види отворање на Ормутскиот теснец“.
„Претседателот Си би сакал да види склучен договор. Тој рече: „Ако можам да помогнам на кој било начин, би сакал да помогнам“, додаде Трамп.
Пекинг сè уште не ги потврди тврдењата на Трамп. Во соопштението на кинеското Министерство за надворешни работи не се споменуваат Иран или Ормутскиот теснец, туку само се вели дека двајцата лидери разговарале за „големи меѓународни и регионални прашања“, вклучувајќи го Блискиот Исток, војната во Украина и Корејскиот Полуостров.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата