Планот содржан во 21 точка предвидува итно ослободување на преостанатите заложници во замена за стотици палестински затвореници, повлекување на израелската армија од енклавата, разоружување на Хамас и негово целосно исклучување од управувањето со Газа. Израел пак, би бил обврзан да се откаже од можноста за анексија на територијата.
За членовите на Хамас се предлага амнестија, доколку прифатат мирен соживот, оние пак, кои ќе изберат да си заминат – безбеден премин кон земји подготвени да ги прифатат. Газа во иднина би била управувана од палестински технократи под надзор на меѓународно тело, за што би била формирана и посебна меѓународна стабилизирачка сила. Потврда за планот дојде и од израелскиот премиер Нетанјаху кој откри дека деталите се уште се разработуваат.

-Работиме на него (на планот) се уште не е финализирано, но работиме со тимот на претседателот Трамп, всушност и додека говориме и се надевам дека ќе успееме бидејќи сакаме да ги ослободиме нашите заложници да се ослободиме од владеењето на Хамас, демилитаризирана Газа и нова иднина воспоставена за граѓаните на Газа и Израел и за целиот регион. / Мислам дека деталите за ова (планот) треба да се разработат но, во претходни изјави имам кажано дека доколку лидерите на Хамас на пример, се спроведени надвор од земјата. Да, доколку стават крај на војната, ги ослободат сите заложници ќе ги пуштиме,- - Бенјамин Нетанјаху – Премиер на Израел.
Во пресрет на средбата во Белата Куќа, американскиот претседател Трамп на социјалните мрежи напиша дека постои реална шанса за некакво решение. Со умерена доза на оптимизам и потпретседателот Венс кој откри дека изминатите неколку дена се водат разговори меѓу двете страни под покровителство на САД.
-Во тек се многу комплицирани прговори кои се одвиваат во моментов меѓу арапските лидери, меѓу израелците и администрацијата на Трамп предводена од посебниот претставник Стив Виткоф и државниот секретар Марко Рубио. / Сакаме сите заложници да се вратат дома. Сакаме Хамас повеќе да не биде терористичка закана за Израел и исто така сакаме да ја донесеме хуманитарната помош за Газа за многуте невиини луѓе кои се засегнати од конфликтот. Мислам дека сме блиску до постигнување на сите тие цели,- - Џеј Ди Венс- Потпретседател на САД.
До сега имаше неколку иницијативи од американскиот претседател Трамп за ставање крај на војната во енклавата, а една од нив предвидуваше привремено преместување на сите 2 милиони жители на Газа за време на американска реконструкција на Појасот кој потоа би станал блиско блискоисточна ривиера, односно туристичко одмаралиште и технолошки центар.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата