logo
logo
logo

Трамп ја потврди посветеноста на колективната одбрана на НАТО и го поздрави растот на трошоците за одбрана

Vecer | 25.06.2025

Трамп ја потврди посветеноста на колективната одбрана на НАТО и го поздрави растот на трошоците за одбрана

За време на разговорот со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, на маргините на дводневниот самит на алијансата, Трамп беше прашан за посветеноста на Членот 5 од Северноатлантскиот договор, кој ги обврзува сите членки да пружат помош на сојузник чија територија или безбедност е загрозена.

- Со нив сме до крај, изјави Трамп.

Трамп, исто така, ја пофали најавата дека сојузниците ќе го прифатат неговото барање и денеска ќе донесат одлука да ги зголемат издвојувањата за одбрана на пет отсто од БДП, наведувајќи дека тоа е „многу голема вест“.

- Години наназад барам од нив да зголемат на пет отсто и тие одат на пет отсто, тоа е голем скок од два отсто, иако многумина сè уште не плаќаат ни два отсто. Така што мислам дека тоа ќе биде многу голема вест, истакна Трамп.

Руте се надоврза, велејќи дека ова зголемување не би се случило без Трамп.

- Со зголемувањето на пет отсто (од БДП), Европејците и Канаѓаните ќе ги изедначат своите трошоци за одбрана со американските. Тоа не би се случило без претседателот Трамп. Некои би ме критикувале што го кажувам тоа, но кога разговарам со нив, сите велат дека сум во право, наведе Руте.

За време на разговорот со Руте, одржан пред состанокот на Северноатлантскиот совет (NAC), главното тело на НАТО за донесување политички одлуки, Трамп исто така ги спореди американските напади врз Иран на 22 јуни, во екот на иранско-израелската војна, со одлуката на САД да фрлат атомски бомби на Јапонија во Втората светска војна.

- Не сакам да го користам примерот на Хирошима, не сакам да го користам примерот на Нагасаки, но тоа е во суштина истата работа што ја заврши таа војна. Ова ја заврши таа војна (Израел и Иран), рече Трамп.

Коментирајќи го неговиот состанок со украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој денеска се очекува на маргините на самитот во Хаг, Трамп рече дека ќе разговараат „за очигледното“ – за проблемите со кои се соочува лидерот на Украина.

- Тој има мали потешкотии. Зеленски, тој е фин човек. Мислам, ќе се сретнам со него денеска. Не знам, претпоставувам дека ќе разговараме за Украина, истакна Трамп.

Тој додаде дека „многу разговарал“ со претседателот на Русија, Владимир Путин, за кого рече дека „всушност бил многу фин“. 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk