logo
logo
logo

Трамп ја обнови заканата дека ќе воведе санкции врз Русија ако нема напредок за мир во Украина

Vecer | 23.08.2025

Трамп ја обнови заканата дека ќе воведе санкции врз Русија ако нема напредок за мир во Украина

Американскиот претседателот Трамп го губи трпението, откако помпезно најавувата средба Путин – Зеленски останува неизвесна, особено по изјавата на рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров дека засега нема план за средба меѓу двајцата лидери. Трамп сега повторно ги враќа на маса санкциите за Москва и вели во наредните две недели ќе знае дали мирот воопшто е возможно да се случи.

„Тогаш ќе донесам одлука за тоа што ќе правиме. И тоа ќе биде многу важна одлука. Тоа може да бидат големи санкции или огромни царини или и двете или можеби и нема да правиме ништо и да им кажеме „ова е ваша битка“.“

Со реакција се огласи и Зеленски. При посетата на Киев од страна генералниот секретар на НАТО,  Марк Руте, украинскиот претседател Володимир Зеленски обвини дека Москва прави се за да избегне официјална средба и порача дека Украина не е исплашена од билатерална средба за разлика од Русија. Според него, Америка и Европа заеднички треба да го стеснат просторот за војна, а доколку Москва не сака да се реши овој проблем по дипломатски пат да се зголемат санкциите.

„Русија ќе се обиде да направи нешто за да избегне средба. Проблемот не е средбата. Проблемот е тоа што не сакаат војната да заврши. Билатералната средба е составен дел за крај на војната. Не е само тоа (средбата), но е една од компонентите.“

Путин, пак, во последниот јавен настап не ги коментираше прашањата поврзани за крајот на војната, ниту заложбите за средба со Зеленски, но повторно искажа пофални зборови за американскиот колега.

„Нашите релации со САД се на екстремно ниско ниво по втората светска војна, ова сум го кажал многу пати. Но, доаѓањето на претседателот Трамп (на функцијата) го гледам како светло на крајот на тунелот кое конечно се појави. Сега имаме многу добра, суштинска и транспарентна средба на Алјаска.“

Прашањето за територијални отстапки од страна на Украина за крај на војната беше една од темите на самитот меѓу Путин и Трамп на Алјаска, но и во Белата куќа каде присуствуваа Зеленски и седумина европски лидери. Украинскиот претседател тогаш рече дека овие чувствиутелни прашања ќе ги дискутира на евентуалната средба со Путин.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk