logo
logo
logo

Трамп има планови за Сирија по падот на Асад- целосна спротивност од политиката на Бајден

Vecer | 13.12.2024

Трамп има планови за Сирија по падот на Асад- целосна спротивност од политиката на Бајден

Тоа е целосен пресврт во однос на политиката што сегашната администрација во Вашингтон на чело со Џо Бајден ја спроведува кон Техеран, пишува „Дејлимејл“.

Трамп планира да ја отфрли дипломатската политика на Бајен за да го запре неговиот нуклеарен развој. Имено, според „Волстрит џурнал“, тимот на Трамп сериозно ја разгледува опцијата за удар на иранските нуклеарни постројки додека ја анализира позицијата на САД на Блискиот Исток по падот на режимот на Башар ал Асад во Сирија и тековната војна на Израел против Хамас и Хезболах.

Ослабената позиција на Иран и неодамна објавените информации за неговите програми за нуклеарен развој ги поттикнаа внатрешните дискусии во тимот на новиот претседател, но разговорите се сè уште во рана фаза. Извори запознаени со планот велат дека тимот на Трамп разгледува различни начини да го одврати Иран од развивање нуклеарно оружје.

Ова вклучува испраќање повеќе сили, бродови и авиони во регионот, како и зголемување на офанзивните способности на Израел. Во 2015 година, Иран постигна договор за својата нуклеарна програма со група светски сили, вклучително и САД, тогаш под водство на претседателот Барак Обама.

Меѓутоа, во мај 2018 година, тогашниот претседател Трамп се откажа од тој договор, нарекувајќи го „фундаментално погрешен“. За време на неговиот мандат, Бајден се обиде да го оживее договорот, но Иран на крајот се повлече, иако Бајден продолжи да бара дипломатско решение за нуклеарниот напредок во регионот.

Трамп неодамна му кажа на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека е загрижен за потенцијална нуклеарна катастрофа за време на неговиот мандат и дека сака да спречи нова војна.

Ова доаѓа откако минатиот месец беше откриено дека проценетите резерви на збогатен ураниум на Иран достигнале повеќе од 32 пати од дозволеното според клучниот нуклеарен договор, според извештајот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), која е дел од ОН.

Во извештајот на МААЕ се наведува дека Иран заклучно со 26 октомври имал 182,3 килограми ураниум збогатен до 60 отсто, што е зголемување за 17,6 килограми во однос на последниот извештај во август. Ураниум збогатен до 60 проценти чистота е технички чекор подалеку од нивото од 90 проценти што се користи за производство на оружје.

Иран ја ограничи својата нуклеарна програма во замена за олеснување на санкциите и други клучни придобивки како дел од Заедничкиот сеопфатен план за акција (JCPOA), но, наводно, се вратил на својата нуклеарна програма откако САД се повлекоа од договорот под Трамп во 2018 година.

Според теоретската дефиниција на МААЕ, околу 42 килограми ураниум збогатен до 60 отсто е количината во која не може да се исклучи можноста за правење нуклеарна бомба.

Ова доаѓа откако Трамп, кој оваа недела беше прогласен за личност на годината од магазинот Тајм, проговори за потенцијална војна со Иран, велејќи:

„Сѐ може да се случи. Ситуацијата е многу нестабилна“.

Во меѓувреме, израелските власти рекоа оваа недела дека веруваат дека постои можност да се нападнат иранските нуклеарни постројки и се подготвуваат за потенцијален напад по пучот во Сирија, близок сојузник на Иран.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk