Тој во четвртокот во онлајн обраќање на Светскиот економски форум во Давос порача дека ја сака Европа, но дека Европската Унија се однесува „многу, многу неправедно“ кон САД со својот висок корпоративен данок, со казните за американските технолошки компании и со суфицитот во меѓусебната трговска размена.
- Од гледна точка на Америка, ЕУ се однесува кон нас многу, многу неправедно, многу лошо. Тие не ги земаат нашите земјоделски производи и не ги земаат нашите автомобили, но сепак ни испраќаат автомобили со милиони, рече Трамп.
Според статистичките податоци на ЕУ, блокот во 2023 година остварил трговски суфицит во размената на стоки со САД од 156,6 милијарди евра, но и дефицит од 104 милијарди евра во размената на услуги.
Во врска со неговите предизборни најави за воведување на „универзален данок“ од 10 до 20 отсто за сиот увоз во САД, Трамп порача дека оние што „не произведуваат во Америка, многу едноставно ќе треба да платат данок“ за своите производи.
Сепак според Скот Бесент, кого Трамп го номинира за нов американски секретар за финансии, ова не е закана, туку став од „пошироката преговарачка стратегија насочена кон зајакнување на американската индустрија“.
Трамп ги осуди и истрагите што ги води Европската комисија против технолошките гиганти, како „Епл“, „Гугл“, „Мета“ и „Икс“ за усогласеност со Законот за дигитални услуги на ЕУ, посочувајќи дека тоа се американски компании и Унијата „не треба да го прави тоа“.
[Претседателот на САД, Доналд Трамп, ги повика властите во Џорџија да запрат со рачното пребројување на гласачките ливчиња. Според првичните резултати, во Џорџија води Џо Бајден со разлика од]
Трамп, исто така, го повтори својот повик до членките на НАТО за зголемување на трошоците за одбрана „до пет отсто од годишниот БДП“, наместо сегашната цел на Алинејата од два отсто, посочувајќи дека со своите сегашни стапки на издвојување за одбранбените трошоци европските земји се однесуваат „нефер кон САД“.
- Се обидувам да бидам конструктивен затоа што ја сакам Европа, ги сакам земјите од Европа, додаде Трамп, потенцирајќи и дека сака да стави крај на „ужасната“ војна на Русија во Украина.
Американскиот претседател, исто така, ја критикуваше и „долгата процедура“ за издавање дозволи во ЕУ, тврдејќи дека само за да се добие едноставно одобрение од Унијата за некој „голем проект“, потребни се „пет или шест години чекање“.
Претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард во обраќањето во Давос, исто така, повика на поедноставување на процедурите и отстранување на бариерите во трговијата. Според неа, токму „мрзеливоста“ на Европа и вродената одбивност кон преземање ризици во голема мерка е причина за економскиот пад на блокот.
- Имаме многу средства, но многупати си пукаме во нога затоа што не ја завршуваме работата што ја зацртуваме. Ние не се движиме кон дерегулација и значително поедноставување, рече Лагард.
Таа апелираше на „поедноставување“ на процедурите според моделот на финансиската дерегулација од пред кризата во 2008 година. - Мислам дека овие работи се менуваат и ние треба да ја забрзаме таа промена, додаде Лагард.
Набрзо по ваквите обвинувања, во петокот од Брисел стигна најава дека во рамки на т.н. Компас за конкурентност, што треба да биде промовиран в среда, ЕК планира намалување на бирократијата на ЕУ во досега невидени размери. Планот има за цел рационализација на регулативите, скратување на бирократските процедури и зголемување на флексибилноста.
- Сите европски, национални и локални институции мора да вложат напори без преседан, за да ги поедностават правила и да ги забрзаат административните процедури, се наведува во предлогот.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, исто така, од Давос повика на уривање на бариерите и најави подготвеност за „прагматичност“ во преговорите за трговијата со САД, но и одбрана на интересите на ЕУ.
Сепак, прифаќањето на барањата на Трамп би значеле дополнителни трошоци за ЕУ, за што не е едноставно да се обезбедат средства особено во услови кога „не цветаат рози“ во двете најголеми европски економии - Германија трета година по ред се соочува со рецесија, а и економските перформанси на Франција не се значително подобри.
Ваквата состојба се должи на фактот што во последните 25 години европската економија се потпираше на евтина енергија од Русија. Но, од почетокот на руската агресија врз Украина пред три години таа се насочи кон ослободување од енергетската зависност од Русија и изнаоѓање алтернативни извори на енергија што доведе до зголемени трошоци.
Според последните податоци, ЕУ бележи значителен раст на увозот на енергенси од САД, пред се на течниот природен гас (ЛНГ), а впрочем и едно од барањата на Трамп кон блокот е да троши повеќе американски горива.
Со ова, според економски експерти, ЕУ се доведува во позиција руската енергетска зависност да ја замени со американска.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата