logo
logo
logo

Тихановскаја го обвини Лукашенко за „игри“ со политичките затвореници пред изборите

Vecer | 21.01.2025

Тихановскаја го обвини Лукашенко за „игри“ со политичките затвореници пред изборите

Сите предвидувања се дека по гласањето Лукашенко ќе го продолжи своето владеење, што трае 31 година.

Во интервју за Ројтерс на Светскиот економски форум во Давос, Тихановскаја рече дека очекува гласањето да биде наместено. Таа посебно ги потенцираше висината на казните на противниците на режимот и недостатокот на слободни медиуми.

-Тоа што тие го нарекуваат избори во демократскиот свет нема никаква врска со овој настан во Белорусија. Затоа што тоа е повеќе ритуал за повторно именување на диктатори, рече таа.

Минатата недела Лукашенко ја помилува последната група од 23 лица осудени за „екстремистички активности“, што државните медиуми го опишаа како хуманитарен гест. Со последните ослободувања, вкупниот број на политички затвореници ослободени од јули достигна 250, наведуваат британските медиуми.

Тихановскаја рече дека со ослободувањето на политичките затвореници, Лукашенко ги играл своите „традиционални игри пред таканаречените избори“ со надеж дека ќе ја добие наклонетоста на Западот.

Таа додаде дека го поздравува ослободувањето на осудените, но оваа постапка на белорускиот претседател не значи намалување на репресијата, бидејќи многу луѓе се уште се апсат.

-Не треба да има договор со Лукашенко се додека тој продолжува да ги држи затворениците (вклучувајќи го и нејзиниот сопруг Сергеј) како заложници, нагласи таа.

„Треба да ја запреме репресијата, да ги ослободиме сите затвореници и можеби тогаш ќе разговараме со вас (Лукашенко)“, додаде таа во своевидно обраќање до белорускиот претседател преку британскиот медиум.

Според организацијата за човекови права „Вјасна“, во Белорусија има 1.250 политички затвореници, иако Лукашенко тврди дека ниту еден од нив не е политички.

Тихановскаја се кандидираше на последните претседателски избори во 2020 година против Лукашенко, кога таа и западните влади го обвинија дека ја „украл“ нејзината изборна победа.

Во масовните протести што следеа беа уапсени десетици илјади луѓе, потсетуваат британските медиуми./МИА

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk