Гувернерот на Тексас прогласи вонредна состојба откако обилните дождови предизвикаа разорни поплави во областа Хил Каунтри. Според досегашните информации, најмалку 27 лица го загубиле животот, меѓу кои и девет деца. Бројот на исчезнати останува непознат и се очекува да се зголемува.
Прогласувам катастрофа на ниво на држава за сите засегнати окрузи... Ова ќе овозможи пристап до сите ресурси и помош кои може да ги обезбеди државата, без ограничувања.
Реката Гвадалупе наеднаш надојде за повеќе од 8 метри во текот на само 45 минути, при што однесе со себе домови, возила и кампови. Особено е погоден детскиот камп Мистик, каде што 27 лица се водат како исчезнати, според информациите од локалните власти. Досега, околу 850 граѓани се спасени, а потрагата продолжува.
Моментално сите 27 исчезнати се деца од Камп Мистик, според досегашните наши податоци. Ние немаме информација за други исчезнати, ниту можеме да процениме повеќе во оваа фаза.
Евакуирани се над 850 лица, од кои повеќето се неповредени, додека осум се повредени. Извлечени се 27 тела, од кои осумнаесет се возрасни и девет деца. Дел од жртвите сѐ уште не се идентификувани.
Властите апелираат дека опасноста не е помината, бидејќи метеоролозите најавуваат уште врнежи во следните денови. Во делови на централниот дел на Тексас останува на сила предупредување за потенцијални нови поплави. На социјалните мрежи постојано се појавуваат нови повици од роднини кои ги бараат своите најблиски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата