logo
logo
logo

Тајландската премиерка Паетонгтарн Шинаватра суспендирана поради протечен разговор со поранешниот лидер на Камбоџа

Vecer | 02.07.2025

Тајландската премиерка Паетонгтарн Шинаватра суспендирана поради протечен разговор со поранешниот лидер на Камбоџа

Премиерката на Тајланд, Паетонгтарн Шинаватра, беше суспендирана од должноста по одлука на Уставниот суд, откако во јавноста се појави протечен телефонски разговор со поранешниот камбоџански лидер Хун Сен.

Петиција за нејзино разрешување беше покрената веднаш штом разговорот стана јавен, а самиот Хун Сен изрази сомнеж дека информацијата била протечена од страна на некој од неговите соработници. Во разговорот, Шинаватра беше опишана како сојузник на Камбоџа, нарекувајќи го Сен „чичко“ и ветувајќи дека секојпат ќе му помогне доколку има потреба.

Судот гласаше со 7-2 за нејзина суспензија додека трае разгледувањето на постапката за разрешување. Шинаватра има рок од 15 дена да достави своја одбрана. Во нејзино отсуство, функцијата премиер ја врши заменик-премиерот Сурија Џуангрунгруангкит.

На јавноста, Шинаватра вторпат упати извинување, тврдејќи дека „немала намера да работи за личен интерес“. Во нејзиниот говор објасни и на кој начин ќе се брани на судењето.

„Ако внимателно го слушнете разговорот, ќе сфатите дека немав лоши намери“, изјави Шинаватра. „Токму на ова ќе се фокусирам и детално ќе го објаснам.“

Разговорот помеѓу Шинаватра и Сен, кој е претседател на Сенатот и поранешен премиер на Камбоџа, најмногу се однесувал на граничниот спор меѓу двете држави. Непријателствата помеѓу Тајланд и Камбоџа се долготрајни, а тензиите повторно се зголемија во мај кога камбоџански војник беше убиен во судир со тајландски сили.

Интересно е што и нејзиниот татко, како и тетка ѝ, претходно беа отстранети од власт – татко ѝ од страна на судот, а тетка ѝ преку државен удар. Паетонгтарн Шинаватра е втората жена премиер на Тајланд, по својата тетка, а воедно и најмладата во историјата на земјата. На оваа функција е помалку од една година.

Нејзиниот претходник, Сретха Тависин, исто така беше тргнат од функцијата поради назначување на правен застапник кој претходно бил осудуван. Шинаватра ја презеде улогата непосредно по неговото отстранување.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk