Тајфунот Буалои и последователните поплави и лизгања на земјиштето во Виетнам убија 34 лица, 20 се водат како исчезнати и 140 други се повредени, со проценети економски загуби од околу 332 милиони американски долари, соопштија властите во Ханој.
Тајфунот предизвика уривање на 153 куќи и оштетување на 154.565 други објекти, соопшти Виетнамската администрација за управување со катастрофи и поплави при Министерството за земјоделство и животна средина.
Во земјоделскиот сектор, 48.714 хектари ориз и други култури беа поплавени или уништени, 13.334 хектари аквакултура беа оштетени, а 383.091 добиток и живина беа убиени или однесени, објави денес VNA.
Тајфунот предизвика сериозни штети на инфраструктурата, соборувајќи повеќе од 8.200 електрични столбови и оставајќи речиси 2,7 милиони домаќинства без електрична енергија, додека повеќе од 3.000 патишта беа блокирани од поплави и лизгање на земјиштето, се додава во извештајот. Локалните власти проценуваат и составуваат извештаи за штетите, додека вложуваат напори за обновување на снабдувањето со електрична енергија и телекомуникации и обезбедување поддршка на погодените жители, се вели во извештајот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата