Неверојатниот инцидент се случил пред најмалку девет џамии во Париз, каде што биле поставени свински глави, објави канцеларијата на парискиот обвинител, додека луѓето што ги купиле главите, како што подоцна се дознало, имале српски регистарски таблички, објави Ројтерс.
Истрагата утврдила дека свинските глави биле „поставени од странски државјани кои веднаш ја напуштиле земјата, со јасна намера да предизвикаат немири во нацијата“, се вели во соопштението.
Фармер од Нормандија им се обратил на истражителите по инцидентот и им рекол дека две лица дошле да купат десетина свински глави, а потоа го опишал нивното возило и истакнал дека имало српски регистарски таблички, се вели во соопштението.
Снимките од безбедносните камери покажале дека истите лица пристигнале во Париз со истото возило во текот на ноќта помеѓу понеделник, 8 и вторник, 9 септември.
Снимките, исто така, покажале двајца мажи како ги оставаат главите пред бројни џамии. Тие веројатно користеле хрватска телефонска линија, чиј сигнал бил следен додека ја преминувале француско-белгиската граница во вторник наутро по злосторствата.
Француските власти во вторник ветија поддршка за муслиманското население во Франција во време на растечки антиисламски расположенија.
Франција има најголемо муслиманско население во Европа, повеќе од 6 милиони, на кои им е забрането да јадат свинско месо.
Шефот на париската полиција, Лоран Нуњез, изјави дека не може да ја исклучи можноста за странско мешање со цел дестабилизација на Франција, која се бори со фискална и политичка криза.
Франција претходно ја обвини Русија дека се обидува да посее раздор. Тројца Срби, обвинети за врски со „странска сила“, биле уапсени откако синагогите и Споменикот на холокаустот беа обоени со зелено во мај.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата