Партнерството со Вашингтон ја загуби довербата и затоа е важно да се ресетираат трансатланските односи, рече Мерц обраќајќи и се директно на американската делегација, предводена од државниот секретар Рубио.
-Меѓународниот поредок, кој се темелеше на права и правила е на работ на уништување. Се плашам дека мора да го кажеме тоа уште појасно. Овој поредок, колку и да бил несовршен во своите најдобри денови, повеќе не постои. Во ерата на соперништво на големите сили, дури ни САД нема да бидат моќни да дејствуваат сами. , Фридрих Мерц, канцелар на Германија
Во баварската престолнина и денеска одекнува минатогодишниот бомбастичен говор на потпретседателот Џеј Ди Венс, кој ги обвини европските земји за задушување на демократијата. Во Минхен сега сите го исчекуваат утрешното обраќање на многу поумерениот, државниот секретар Марко Рубио, кој пристигна во Минхен, а пред полетувањето ѝ порача на Европа дека светот веќе ја живее нова геополитичка ера.
-Што мислите дека Европејците се надеваат да чујат? Нешто попомирувачко од минатата година? - Мислам дека тие сакаат искрено, да знаат каде одиме, каде сакаме да одиме, каде сакаме да одиме со нив. Светот се менува многу брзо пред нас. Стариот свет не постои, искрено, светот во кој пораснав. Живееме во нова ера во геополитиката и тоа бара од сите да преиспитаме каква ќе биде нашата улога. , изјави Марко Рубио, државен секретар на САД
На денешните средби доминираше темата за Украина. Првиот човек на НАТО оцени дека Русија ја губи силата на бојното поле и дека се обидува со пропаганда да се претстави дека доминантна страна.
-Русите секојдневно трпат зачудувачки загуби. 35.000 мртви во декември. 30.000 смртни случаи во јануари. Тие сакаат (ние) да ги перцепираме Русите како моќна мечка, но може да се тврди дека тие се движат низ Украина со брзина на градинарски полжав. И да не го заборавиме тоа. Да не паднеме во стапицата на руската пропаганда. , изјави Марк Руте, генерален секретар на НАТО.
Минхен веќе почнаа да го тресат протести во исчекување на 120 илјади демонстранти на самитот за глобална безбедност. Најмасовно се очекува да биде утре, кога на улиците ќе се протестира против актуелниот ирански режим. На собирот присуствуваат претставници од 115 земји, вклучително 60 шефови на држави и влади.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата