Русија ги повика своите граѓани да го напуштат Иран, при што поранешниот претседател Дмитриј Медведев рече дека разговорите со САД биле само „параван“.
Европската Унија предупредува дека ситуацијата во регионот е „опасна“ и повика на заштита на цивилите во секој конфликт. Шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на X, ги повика „сите страни да покажат воздржаност“, нагласувајќи дека е „критично“ да се „осигура нуклеарната безбедност“ откако САД посочија дека иранските нуклеарни локации се нивна цел. Шефицата на дипломатијата на ЕУ, Каја Калас, најави повлекување на неопходниот персонал на блокот од регионот.
Владата на Велика Британија стравува дека нападите би можеле да прераснат во поширок конфликт на Блискиот Исток и ги повика своите граѓани во Бахреин, Кувајт, Катар и ОАЕ да најдат засолниште.
- Не сакаме да видиме понатамошна ескалација во поширок регионален конфликт – рече владин портпарол, додавајќи дека „непосреден приоритет“ на Обединетото Кралство е безбедноста на неговите граѓани во регионот.
Јорданската војска соопшти дека нејзините воздухопловни сили работат на заштита на кралството и неговиот народ додека нападите се во тек. Воен претставник рече дека две балистички ракети насочени кон територијата на кралството „биле успешно пресретнати од јорданските системи за воздушна одбрана“.
Украина тврди дека „насилството на иранската влада врз сопствениот народ и другите земји“ ги предизвикало нападите на САД и Израел.
„Причината за сегашните настани е токму насилството и самоволието на иранскиот режим, особено убиствата и репресиите врз мирните демонстранти, кои станаа особено масовни во последните месеци“, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи.
Франција, која има неколку воени бази на Блискиот Исток, особено во Катар, Обединетите Арапски Емирати и Јордан, соопшти: „Очигледно наш приоритет во вакви случаи е заштитата на нашите државјани, заштитата на нашите сили во регионот и следење на ситуацијата во реално време, што и го правиме“, изјави Алис Руфо, заменик-министер за одбрана, за телевизијата France 2.
Африканската унија повика „на воздржаност, итна деескалација и одржлив дијалог“ по нападите, предупредувајќи дека конфликтот може да ризикува да им наштети на луѓето на континентот.
- Понатамошна ескалација ризикува да ја влоши глобалната нестабилност, со сериозни импликации за енергетските пазари, безбедноста на храната и економската отпорност – особено во Африка, каде конфликтите и економските притисоци остануваат акутни – изјави шефот на ова паневропско тело, Махамуд Али Јусуф.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата