logo
logo
logo

Стапува во сила Европскиот закон за пристапност за лицата со попреченост

Vecer | 28.06.2025

Стапува во сила Европскиот закон за пристапност за лицата со попреченост

На територијата на ЕУ денеска стапува во сила Европскиот закон за пристапност (ЕАА) со што клучните производи и услуги, како што се телефоните, компјутерите, електронските книги, банкарските услуги и електронските комуникации мора да бидат достапни и за лицата со попреченост. 

- Во ЕУ живеат околу 100 милиони луѓе со попреченост. Пристапноста е предуслов за учество во општеството. Европскиот закон за пристапност е мерка за праведност и правда, но исто така и за раст и иновации, порача еврокомесарката за еднаквост, подготвеност и справување со кризи Хаџа Лабиб по повод стапувањето во сила на Законот. 

Според неа, одредбите од овој Закон претставуваат понатамошен чекор со кој на лицата со попреченост низ цела ЕУ им се овозможува да уживаат во своите животи на ист начин како и оние кои се без попреченост. 

- Додека го славиме ова достигнување, да го спроведеме во дело осигурувајќи се дека овие нови правила ќе донесат вистинска и трајна промена за сите, додаде Лабиб. 

Целта на законот е намалување на бариерите со кои секојдневно се соочуваат лицата со попреченост со што ќе им се олесни целосно учество во општеството, овозможувајќи им вработување со користење на достапна ИТ опрема и помошни технологии, како и поголема мобилност низ цела ЕУ. 

Законот поставува заеднички барања за одредени производи и услуги, како што се фонтови со соодветна големина, системи за претворање на текстот во говор на услужните терминали, инсталирање на електронски читачи и адаптирани паметни телефони.  

Со законските одредби се предвидува и поедноставување на правилата што важат за економските оператори кои досега се соочуваа со различни и честопати контрадикторни барања за пристапност.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk