logo
logo
logo

Специјалниот претставник за миграција на Германија предлага депортирање на мигранти во Руанда

Vecer | 05.09.2024

Специјалниот претставник за миграција на Германија предлага депортирање на мигранти во Руанда

Овој предлог доаѓа во време кога се зголемува притисокот врз германската владејачка коалиција да ја ограничи нелегалната миграција по нападот со нож за време на фестивал минатиот месец во Солинген. Нападот е поврзан со терористичката група „Исламска држава“, што предизвика критики од крајната десница кон миграциската политика на Берлин.

Јоаким Штамп изјави дека ЕУ може да ги користи постоечките засолништа во Руанда, кои првично беа дел од планот на Велика Британија во 2022 година за испраќање на нелегални мигранти во источната африканска држава. Планот беше откажан во јули од новата влада на Киер Стармер.

Германскиот претставник за миграција предложи процедурите за барање азил во Руанда да се одвиваат под надзор на ОН.

Штамп, кој е член на Слободната демократска партија, помал партнер во владејачката коалиција, рече дека планот ќе биде насочен кон мигрантите кои влегуваат во ЕУ преку источните граници.

- Предлагам да се фокусираме на оваа група. Тоа се околу 10.000 луѓе годишно, рече тој, одбивајќи ги предлозите на конзервативната опозиција за примена на овој модел за сите мигранти.

Тој истакна дека Руанда јавно изразила подготвеност да продолжи со овој план.

Исто така, Штамп предложи отстранување на таканаречениот „поврзувачки елемент“ во новиот Европски систем за азил, кој моментално бара почитување на надворешните процедури за азил во земјите каде барателите на азил имаат социјални контакти.

Во декември, Европската Унија се согласи за нови правила за справување со нелегалните мигранти и барателите на азил, што беше сметано за пробив по речиси една деценија остри спорови по ова прашање. Договорот може целосно да стапи во сила до крајот на 2025 година./МИА

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk