Со години, секојдневната работа во тие простории се одвивала без никакво сомневање, во рамките на строго контролиран систем. Сепак, зад рутината и тишината на академските ходници, се криело нешто што подоцна ќе го шокира не само Харвард, туку и пошироката јавност, а судскиот епилог на овој случај ќе следи по обемна истрага.
Национална продажба
Долгогодишниот директор на мртовечницата на Харвард, Седрик Лоџ, е осуден на осум години затвор, бидејќи во текот на долг временски период продавал делови од тела донирани на науката.
Од 2018 до 2020 година, според пресудата, Лоџ земал делови од тела на починати, пред да бидат кремирани, и ги испраќал до „купувачи“ низ целата земја, објавува Си-Ен-Ен.
Така, делови од раце, човечки лица, па дури и човечки мозоци завршиле на црниот пазар. Неговата сопруга Дениз, која му помогнала во овој бизарен потфат, добила нешто повеќе од една година затвор.
Продал нечие лице
Според странските медиуми, во еден случај, наводно, кожата на починато лице била искористена за изработка на корица за книга.
Во друг случај, Лоџ продал нечие лице, „можеби за да го изложи на полица, или можеби за нешто уште пострашно“, рече обвинителката Алисон Мартин.
„Тој се однесувал кон деловите од сакани човечки суштества како да се декоративни предмети што би можеле да се продадат за неколку илјади долари“, додаде таа.
Лоџ не бил сам!
Седрик Лоџ работел на Харвард речиси три децении и во тој период стекнал репутација на посветен вработен. Сепак, зад сцената на неговата секојдневна работа, била скриена страшна тајна операција.
Во судницата во Пенсилванија, обвинетиот изразил каење и се изјаснил за виновен. Неговиот адвокат ги нарекол постапките „грозоморни и неоправдани“. Харвард го суспендирал прифаќањето на донирани тела за пет месеци откако скандалот бил откриен во 2023 година и спровеле внатрешна истрага.
Потоа било откриено дека Лоџ не бил сам! Најмалку шест лица, вклучувајќи и вработен во крематориум во Арканзас, подоцна се изјаснија за виновни.
Случајот ги потресе темелите на довербата во научните и медицинските институции, потсетувајќи нè колку е тенка линијата помеѓу етиката и ужасот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата