Доналд Трамп, поранешен претседател на САД, во текот на својата политичка кариера неколкупати беше номиниран за Нобелова награда за мир, понекогаш и неколкупати во една година. Најчесто, овие номинации се поврзуваат со неговите напори за стабилизирање на ситуациите на Блискиот Исток и иницијативите за избегнување долгорочни воени конфликти од страна на САД.
Правото за номинација е резервирано за одредени категории лица – најчесто државни лидери, членови на парламенти или универзитетски професори. Првата, анонимна номинација за Трамп е забележана во 2016 година, поради неговата „идеологија на мир преку сила“.
Подолу следува преглед на сите јавни номинации за Трамп за ова престижно признание.
Конгресмен Бади Картер (Р-Џорџија) — 2025
Картер го номинираше Трамп во 2025 година за неговата улога во постигнувањето прекин на огнот помеѓу Израел и Иран, при што испрати писмо до Нобеловиот комитет на Норвешка. Тој посочи дека Трамп одиграл „исклучителна и историска улога во посредувањето за ставање крај на вооружениот конфликт помеѓу Израел и Иран“.
Писмото на Картер следува само три дена по склучувањето на примирјето, иако дел од медиумите укажуваа дека прекинот на огнот е кревок. Во самите почетоци на договорот, привремено беше прекршено примирјето поради недоволна информираност на двете страни, но сепак договорот остана на сила.
Сенатор Берни Морено (Р-Охајо) — 2025
Берни Морено поднесе номинација за Трамп поради неговата политика поврзана со Иран и менаџирањето на тензиите. Морено предложи резолуција во Сенатот со која официјално се повикува Нобеловиот комитет Трамп да биде награден заради воздушните напади врз иранската нуклеарна програма и последователното брзо завршување на конфликтот.
Исто така, во порака на мрежата X (поранешен Твитер), Морено го спореди добивањето на Нобеловата награда од страна на Барак Обама во 2009 година, наведувајќи дека и покрај наградата, Обама потоа спровел воени операции со бројни цивилни жртви.
Влада на Пакистан — 2025
Владата на Пакистан објави дека го номинира Трамп заради неговиот придонес во преговорите за прекин на огнот меѓу Пакистан и Индија во мај 2025 година. Додека во Исламабад овој дипломатски потег се припишува на Трамп и пакистанската дипломатија, Индија ја негираше оваа заслуга.
Неколку дена подоцна, пак, пакистанската влада јавно осуди удари на САД врз иранските нуклеарни објекти, нагласувајќи дека таквите акции се спротивни на меѓународното право.
Конгресмен Дарел Иса (Р-Калифорнија) — 2025
Во март 2025 година, конгресменот Иса го назначи Трамп како „најдобриот претседател за мир по Роналд Реган“, повикувајќи се на Аврамските договори и активностите за стабилизација на Блискиот Исток.
Иса во своето писмо истакна дека Трамп почнал „да ги смирува тензиите, да отвора дијалог и да поттикнува слобода во речиси секој дел на светот, во корист на мирот.“
Украински пратеник Олександр Мережко — 2024
Претседателот на украинскиот парламентарен комитет за надворешни работи, Олександр Мережко, го номинираше Трамп во ноември 2024 година, но во 2025 ја повлече номинацијата поради застој во мировните преговори меѓу Русија и Украина. Мережко јавно изјави дека ја изгубил довербата во капацитетот на Трамп за успешно посредување.
"Путин се јави пред некој ден и праша: 'Може ли да помогнам околу Иран?' Му реков: 'Не, можеш да помогнеш со Русија'," рече Трамп на НАТО самитот во средата.
Конгресменка Клаудија Тени (Р-Њујорк) — 2024
Клаудија Тени го номинираше Трамп, заедно со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот израелски министер за одбрана Јоав Галант, за улогата во постигнувањето на Аврамските договори. Таа нагласи дека нивните напори против тероризмот и спротивставувањето на радикалните режими имаат голем придонес за стабилност во регионот и светот.
Многумина беа убедени дека мир на Блискиот Исток нема да има без решение за израелско-палестинскиот конфликт. Аврамските договори од 2019 претставуваат договор за воспоставување дипломатски односи меѓу Израел, Бахреин, Обединетите Арапски Емирати, Мароко и Судан.
Финска пратеничка Лаура Хухтасари — 2021
Лаура Хухтасари од финскиот парламент ја достави номинацијата во 2021 година, повикувајќи се на обидите на Трамп за завршување на „ерата на бескрајните војни“ и неговото генерално залагање за одржување на мирот во светот.
Во целина, Трамп го мина речиси целиот мандат како американски претседател без да започне нова војна.
Австралиски професори по право — 2020
Професорот Дејвид Флинт и уште тројца австралиски колеги го номинираа Трамп поради неговата т.н. „Трампова доктрина“ – политики со кои САД се обидуваат да се повлечат од 'бескрајните војни' кои не носат ништо освен страдање.
Според Флинт, САД често се мешале во меѓународни конфликти без јасни придобивки, а Трамп настојувал ова да го промени.
Шведски пратеник Магнус Јакобсон — 2020
Јакобсон ја наведува улогата на Трамп во регулација на ситуациите на Блискиот Исток, како и посебно во намалувањето на тензиите меѓу Косово и Србија за време на балканската криза, како причина за својот избор. По номинацијата, Трамп лично го побарал Јакобсон телефонски да му се заблагодари.
Норвешки пратеник Кристијан Тибринг-Гједе — 2018, 2020
Десничарскиот политичар Тибринг-Гједе двапати го номинирал Трамп, особено поради Аврамските договори. Тој смета дека Трамп „сторил повеќе од поголемиот дел од другите кандидати за промоција на мирот меѓу народите“.
Комисијата треба да гледа кон фактите и според нив да го оценува, не според тоа како се однесува.
Во 2018 година, Тибринг-Гједе го предложи Трамп заедно со уште еден норвешки пратеник.
Поранешниот конгресмен на Индијана, Лук Месер и колеги — 2019
Лук Месер собра потписи од уште 17 пратеници за својот предлог Трамп да биде номиниран во 2019 година, при што клучната аргументација беше неговото посредување со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун околу напуштање на нуклеарното оружје.
Трамп тогаш успеа да ги прекине нуклеарните тестирања на Северна Кореја. Месер во писмото наведе дека не гледа личност која повеќе ја заслужува оваа почит во 2019-та отколку Доналд Трамп, за својата неуморна работа во корист на светскиот мир.
Норвешки пратеник Пер-Вили Амундсен — 2018
Амундсен, исто така норвешки десничар, беше еден од првите кои јавно го номинираа Трамп во 2018 година, заедно со Тибринг-Гједе. Тој ја нагласи времената денуклеаризација на Северна Кореја како главен мотив за предлогот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата