Сириските сили се подготвуваат да започнат напади врз градовите на северот и истокот од земјата контролирани од курдските борци за да извршат притисок врз курдските власти да направат отстапки поради застојот во разговорите со владата во Дамаск, изјавија денеска за британските медиуми извори запознаени со ситуацијата.
Според изворите, по петдневните борби во градот Алепо минатата недела меѓу СДФ и сириската армија, во кои загинаа најмалку 23 лица, сега се заканува поширок конфликт.
Изворите наведуваат дека пет дивизии на сириската армија би можеле да учествуваат во потенцијалната офанзива, насочени кон областите контролирани од Курдите во провинциите Алепо и Деир ел-Зор.
Сириската армија веќе распореди сили во областа Деир Хафера и побара од Сириските демократски сили (СДФ) предводени од Курдите да се повлечат источно од реката Еуфрат, отворајќи хуманитарен коридор за цивилите.
СДФ го осуди зголемувањето на трупите и рече дека се спротивставува на каков било воен конфликт, додека Вашингтон наведува дека е во постојан контакт со сите страни за намалување на тензиите и продолжување на преговорите.
По конфликтот во Алепо, последните курдски борци го напуштија градот во раните утрински часови на 11 јануари, со што заврши курдската контрола врз два дела од градот што ја држеа од почетокот на војната во Сирија во 2011 година.
Лидерот на СДФ, Мазлум Абди, изјави дека е постигнат договор со меѓународно посредништво, што обезбедува безбедна евакуација на загинатите, „ранетите, заробените цивили и борци“ од овој град.
Судирите избувнаа по повеќемесечни преговори минатата година за интеграција на курдските воени и цивилни структури во државните институции до крајот на 2025 година, со минимален напредок.
Во март 2025 година, курдските сили од СДФ, кои контролираат поголем дел од североисточна Сирија и имаат десетици илјади борци, потпишаа договор со сириската Влада за интегрирање на сите воени и цивилни институции во сириската држава.
Двете страни меѓусебно се обвинуваа дека се обидуваат да ги попречат преговорите што следеа, а договорот за интеграција на СДФ во сириската Влада сè уште не е спроведен.
САД ги повикаа двете страни да избегнат ескалација и да се вратат на преговорите, велејќи дека конфликтот би ја загрозил стабилноста на Сирија и поширокиот Блиски Исток, како и напорите за спречување на враќањето на екстремистите од Исламска држава.
Шефот на турската дипломатија, Хакан Фидан, изјави дека СДФ треба да покаже добра волја со повлекување од спорните области, предупредувајќи дека во спротивно сириската Влада би можела да прибегне кон сила.
Сириските власти предупредуваат дека ширењето на конфликтот во Деир ел-Зор би можело да ги вклучи и локалните арапски племиња, незадоволни од нивната позиција под курдска власт.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата