logo
logo
logo

Симион бара поништување на резултатите од претседателските избори во Романија

Vecer | 21.05.2025

Симион бара поништување на резултатите од претседателските избори во Романија

 Поразениот кандидат на романските претседателски избори лидерот на националистичката партија Алијанса за обединување на Романците, Џорџе Симион синоќа најави дека ќе ги оспори резултатите поради наводно мешање од страна на Франција и на Молдавија.

Тој на платформата Икс објави дека ќе побара од Уставниот суд да ги поништи романските претседателски избори.

- Изборите во декември беа поништени од истите причини: НАДВОРЕШНО МЕШАЊЕ од страна на државни и недржавни актери. Ниту Франција, ниту Молдавија, ниту кој било друг, нема право да се меша во изборите на друга земја, објави Симион на Икс.

Основачот на платформата за размена на пораки Телеграм, Павел Дуров пред два дена изјави дека го одбил барањето од една западна земја, која не ја именуваше, да се „замолчат“ конзервативните гласови во Романија.

- Една западноевропска влада се обрати до Телеграм и побара од нас да ги замолчиме конзервативните гласови во Романија пред денешните претседателски избори. Јас категорично одбив. Телеграм нема да ја ограничи слободата на корисниците во Романија ниту ќе ги блокира нивните политички канали, напиша Дуров на 18 мај на Телеграм.

Тој ја придружи објавата со емотикон од багет, сугерирајќи дека станува збор за Франција.

Романија, која е членка на ЕУ и на НАТО, западна во уставна криза во декември откако Врховниот суд ги поништи резултатите од претседателските избори на кои беше извесно дека ќе победи друг десничарски кандидат. Судот ја оправда одлуката со наводната вмешаност на Русија во изборниот процес.

Во вториот круг на претседателските избори победи градоначалникот на Букурешт, Никушор Дан освојувајќи 54 проценти од гласовите, додека Симион доби 46 отсто.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk