Американскиот државен секретар Марко Рубио и специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп за прекин на конфликтот во Украина и Газа, Стив Виткоф, ќе патуваат во Париз оваа недела.
Тие треба да се сретнат со францускиот претседател Емануел Макрон и министерот за надворешни работи на земјата Жан-Ноел Бароу, објави денес „Политико“.
Повикувајќи се на неименувани извори, „Политико“ објавува дека тие ќе разговараат за војната во Украина, Иран, како и за трговските односи по воведувањето на новите американски царини.
Виткоф се сретна со рускиот претседател Владимир Путин пред неколку дена за да разговара за евентуално прекин на огнот во Украина.
Ова е прво патување на американски претставници во Франција, откако американскиот потпретседател Џ.Д. Венс учествуваше на самит за вештачка интелигенција во февруари.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата