logo
logo
logo

Шолц го призна изборниот пораз, ќе остане канцелар до формирањето на новата влада

Vecer | 23.02.2025

Шолц го призна изборниот пораз, ќе остане канцелар до формирањето на новата влада

Германскиот канцелар Олаф Шолц вечерва изјави дека ќе остане на функцијата сè додека не се формира новата коалициска влада, откако првичните изборни резултати покажаа дека неговата централно-левичарска Социјалдемократска партија (СПД) претрпе историски пораз.

Шолц нагласи дека ќе ја остави на другите задачата да состават нова коалиција, иако се очекува СПД да остане во власта како помал коалициски партнер, пренесува ДПА.

- Сега е на другите да најдат начин за формирање на влада, рече тој во кусо обраќање пред своите поддржувачи во седиштето на партијата во Берлин.

Тој вети дека ќе ги извршува своите должности како канцелар „до последниот ден“ на функцијата.

Опозицискиот лидер Фридрих Мерц се очекува да го наследи Шолц како канцелар, откако неговиот централно-десничарски блок, Христијанско-демократската унија (ЦДУ) и нејзината баварска сестринска партија, Христијанско-социјалната унија (ЦСУ), остварија убедлива победа, според резултатите од излезните анкети.

Податоците покажуваат дека дури и комплексна коалиција меѓу СПД и неколку помали партии, како Зелените и Левицата, нема да има доволно мнозинство, што практично ја исклучува можноста Шолц да остане на функцијата уште еден мандат./МИА

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk