Основачот на Бриџвотер, најголемиот хеџ фонд во светот, и милијардерот Реј Далио предупреди во својата нова книга „Како земјите пропаѓаат: Големиот циклус“, дека ситуацијата со националниот долг на САД „се приближува до пресвртна точка“ и „спирала на смртта“, што може сериозно да ја загрози стабилноста на најголемата економија во светот.
Некои економисти и инвеститори со години предупредуваат за растечкиот дефицит, но оваа година дури и Волстрит стана претпазлив, бидејќи царините и даночната реформа на претседателот Доналд Трамп предизвикаа нестабилност на пазарот на обврзници, кој инаку е мирна основа на американската и глобалната економија.
„Промената е незамислива - а потоа се случува одеднаш“
Инвеститорите се сè повеќе загрижени дека „големиот, прекрасен“ даночен закон на Трамп би можел дополнително да го притисне федералниот долг, во време кога постои неизвесност за иднината на економијата и привлечноста на американските средства.
Во мај, каматната стапка што владата на САД мора да им ја плати на инвеститорите за 30-годишен заем достигна највисоко ниво од 2023 година. Ова е затоа што инвеститорите продаваат или одбиваат да купат обврзници, барајќи повисоки приноси за она што го сметаат за поризични заеми за владата на САД, објавува CNN.
Реј Далио е последниот во низата милијардери што предупредува за долгот и дефицитот на САД, изразувајќи загриженост дека огромниот јавен долг на земјата може да ги загрози основните јавни услуги и да остави ослабена економија што не функционира за нејзините граѓани.
„Иако промените се случиле многу пати низ историјата, повеќето креатори на политики и инвеститори мислат дека нивниот сегашен систем и околности нема да се променат. Промената е незамислива - а потоа се случува одеднаш“, пишува Далио.
Што е „спирала на смртта“?
Поголем дефицит значи дека Министерството за финансии мора да издава сè повеќе обврзници за финансирање на трошењето и плаќање камата. „Спирала на смртта“ се однесува на ситуација во која владата мора да издава нови обврзници за да ги отплати старите долгови, но се соочува со опаѓање на побарувачката и мора да понуди сè повисоки каматни стапки за да привлече купувачи.
„Спиралалата на зголемување на каматните стапки води до влошување на кредитниот ризик, што ја намалува побарувачката за обврзници, што дополнително ги зголемува каматните стапки - тоа е класична спирала на смртта на долгот“, предупредува Далио.
Повисоките каматни стапки што инвеститорите ги бараат за да ѝ позајмат на владата значат помалку пари за владата за работа, поскапи кредити за потрошувачите и бизнисите и помала флексибилност за маневрирање на буџетот.
Данокот на Трамп е поздравен - но со огромна цена
„За мене, ова значи дека американските креатори на политики треба да бидат повнимателни, а не поопуштени, во управувањето со финансиите на владата, бидејќи најлошото нешто би било САД да се соочат со криза додека веќе се финансиски ослабени“, вели Далио.
На настан во Њујорк на 22 мај, непосредно пред објавувањето на книгата, Далио рече:
„Сегашниот дефицит на САД е на неодржлив пат и е повисок отколку што пазарот може да се справи.“
„Мислам дека треба да се плашиме од пазарот на обврзници. Можам да ви кажам дека ова е многу, многу сериозно.“
Додека берзата ги поздрави намалувањата на даноците на Трамп за време на неговиот прв мандат, ситуацијата сега е поинаква: дефицитот расте, а товарот на јавниот долг експлодираше. Според Министерството за финансии, односот на јавниот долг кон БДП се зголеми од 104% во 2017 година на дури 123% во 2024 година.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата