logo
logo
logo

Сменет игуменот на Шаолин: Кинеските власти го разрешија Си Јонгсин поради злоупотреба на моќ

Vecer | 29.07.2025

Сменет игуменот на Шаолин: Кинеските власти го разрешија Си Јонгсин поради злоупотреба на моќ

Еден од најпознатите будистички монаси во светот, Си Јонгсин, го загуби монашкото звање и беше сменет од водството на историскиот храм Шаолин поради сериозни обвинувања за злоупотреба на позицијата.

Будистичката асоцијација на Кина соопшти дека Си Јонгсин, познат како „игуменот менаџер“ на манастирот Шаолин во провинцијата Хенан, бил разрешен поради несоодветно однесување што се поврзува со финансиски злоупотреби и интимни врски со повеќе жени.

„Постапките на Си се особено сериозни и силно ја нарушуваат репутацијата на будистичката заедница и угледот на монаштвото. Тој грубо ги прекршил будистичките правила одржувајќи недозволени врски со неколку жени подолг временски период и станал татко на повеќе вонбрачни деца“ — се вели во соопштението на асоцијацијата.

Храмот Шаолин, основан пред 1.500 години и сметан за темел на Чан будизмот, објави дека по демократска процедура Си Јонгсин е сменет од раководната позиција. Истовремено, кинеските власти започнаа повеќестрана истрага околу неговото управување со манастирот од неговиот избор во 1999 година.

На фотографијата од 3 јули 2006: Си Јонгсин, игуменот на Шаолин, зборува во храмот во провинцијата Хенан, Кина. (Chinatopix/AP)
На фотографијата од 3 јули 2006: Си Јонгсин, игуменот на Шаолин, зборува во храмот во провинцијата Хенан, Кина. (Chinatopix/AP)

Во последните децении, Си целосно го модернизираше манастирот и го претвори во едно од најуспешните и најдоходовни религиозни престојувалишта во Кина.

Тој го истакна културното и боречкото наследство на храмот преку отворање мрежа на школи за Шаолин-боречки вештини, кои привлекоа илјадници ученици и стотици илјади посетители. Воведени се и туристички активности, влезници и продавници за сувенири.

Името на Шаолин стана светски познато благодарение на бројните контакти што ги оствари Си со државници како папата Франциск, британската кралица Елизабета II и јужноафриканскиот претседател Нелсон Мандела. Тој се бореше храмот да биде признаен од УНЕСКО како светско културно наследство.

Со текот на времето, Си Јонгсин започна да отвора центри во други држави и да вложува во големи проекти, како изградба на 'Шаолин селиња' со луксузни хотели и голф терени во Австралија.

Но, со зголемувањето на популарноста дојде и зголемен надзор од будистичката заедница и јавноста во Кина.

Фотографии како Си патува во скапи автомобили, држи iPhone и носи модерна облека, го поставија под прашање неговиот аскетски живот и вредностите што будизмот ги застапува.

Монаси и верници го обвинија дека прекумерно ја комерцијализирал духовната традиција — критики кои тој ги отфрлаше како недостаток на разбирање за современата реалност.

Првите конкретни обвиненија за негова злоупотреба се појавија во 2011, кога беше предмет на истрага за набавка на луксузни имоти во странство, тајни љубовни врски, нелегитимни деца и присвојување на манастирски средства.

Иако беше покрената истрага во 2015 година, Си тогаш не претрпе никакви последици и изјави во едно интервју: „Ако имаше проблем, одамна ќе излезеше на виделина.“

28 јуни 2015: Си Јонгсин (трет оддесно во жолто-црвени одежди) на отворање на дзен центар во Сиан, Кина. (Chinatopix/AP)
28 јуни 2015: Си Јонгсин (трет оддесно во жолто-црвени одежди) на отворање на дзен центар во Сиан, Кина. (Chinatopix/AP)

Тогаш беше ослободен од обвинувањата и продолжи да ја раководи светската институција уште неколку години, сè додека годинава кинеските власти не му го ограничат излезот од земјата.

Овој скандал откри и дел од тензиите помеѓу Комунистичката партија на Кина и старите религиски традиции во земјата.

Додека Кина настојува да ѝ удоволи на светската желба за допир со нејзиното духовно и културно наследство како будизмот, конфуцијанството и таоизмот, државата преку мрежа на „патриотски“ организации ги контролира сите религиски заедници.

Партијата официјално е атеистичка и внимава религиското учење да не дојде во судир со државната идеологија.

Си Јонгсин долги години ја играше улогата на мост меѓу овие интереси — беше заменик-претседател на Будистичката асоцијација на Кина и член на кинескиот парламент од 1998 до 2018 година.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk