Мексиканската претседателка Клаудија Шајнбаум денеска изјави дека нејзината земја ќе продолжи да ја поддржува кандидатурата на поранешната чилеанска претседателка Мишел Башелет за генерална секретарка на Обединетите нации, откако Чиле вчера ја повлече својата поддршка.
Шајнбаум на прес-конференција објави дека наскоро ќе разговара по телефон со Башелет, чија номинација за генерална секретарка на ОН беше предложена од владите на Мексико и Бразил, како и од Чиле, пред изборот на новиот десничарски претседател Хозе Антонио Каста во оваа земја, кој веднаш ја повлече својата поддршка, пренесуваат британските медиуми.
„Веруваме дека Башелет е идеална личност да ги води Обединетите нации и ние ќе продолжиме да ја поддржуваме. Таа е жена која бара мир во светот, која има визија за градење права, за мирно решавање на конфликти, за обновување на ОН како организација“, рече Шајнбаум.
Башелет во вторникот изјави дека ќе ја продолжи својата кандидатура за генерална секретарка на ОН, со поддршка на Мексико и Бразил, додека официјален Сантијаго изјави дека ќе се воздржи од поддршка на кој било кандидат откако ја повлече својата поддршка за Башелет.
Башелет беше првата жена шеф на држава во Чиле, а беше и висок комесар на ОН за човекови права од 2018 до 2022 година и извршен директор на ОН за жени од 2010 до 2013 година.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата