logo
logo
logo

Сенатот го изгласа големиот даночен закон предложен од Трамп

Vecer | 01.07.2025

Сенатот го изгласа големиот даночен закон предложен од Трамп

Со тесно мнозинство и драматична гласачка атмосфера, американскиот Сенат го одобри новиот даночен закон предложен од претседателот Доналд Трамп. Законот овозможува значителни олеснувања за најбогатите 1% од општеството, а истовремено предвидува намалување на јавните трошоци.

Гласовите во Сенатот беа изедначени – по педесет „за“ и „против“, што наложи Потпретседателот на САД, Џеј Ди Ванс, да го искористи својот одлучувачки глас.

Во ова гласање, гласовите „За“ се педесет, гласовите „Против“ се педесет. Бидејќи гласовите се изедначени, потпретседателот гласа „За“. Законот е усвоен.

Џеј Ди Ванс, Потпретседател на САД

Иако законот беше поддржан од мнозинството републикански сенатори, некои, како Том Тилис (Северна Каролина), Сузан Колинс (Мејн) и Ренд Пол (Кентаки), сепак гласаа против него.

Гласањето беше завршница на невообичаено напнат викенд, кога постоеше реална опасност законот да не помине во Сенатот. Иако Републиканците контролираат и двете конгресни комори, предизвиците со кои се соочија може да се пренесат и во Претставничкиот дом.

Сепак, претседателот Трамп очекува дека новиот закон ќе биде поддржан и без поголеми препреки во Претставничкиот дом.

Законот штотуку беше усвоен. Тоа е одличен закон. Има нешто за сите. Мислам дека ќе помине многу лесно во Претставничкиот дом. Всушност, мислам дека таму ќе биде и полесно отколку што беше во Сенатот.

Доналд Трамп, Претседател на САД

За да се избегнат потенцијални препреки, спикерот Мајк Џонсон упати апел до сенаторите да не ја менуваат верзијата на законот, но сепак беа додадени одредени измени. Ваквите промени може да го закочат процесот пред крајниот рок – 4 јули, Денот на независноста на САД.

Најголемите даночни олеснувања произлегуваат за лицата со највисоки приходи, особено милијардерите, а за обичните граѓани има минимални поволности. Како противтежа на овие олеснувања, законот предвидува драстично ограничување на програмата за здравствена заштита за најранливите групи – Медикеид.

Според проценките на Конгресната буџетска канцеларија, доколку законот биде конечно усвоен, до 2034 година уште 11,8 милиони Американци ќе останат без пристап до здравствена заштита.

Покрај тоа, се очекува федералниот дефицит да порасне за 3,3 трилиони долари во периодот од следните десет години.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk