Курдистанска работничка партија (ПКК), која е во конфликт со турската држава повеќе од четири децении, одлучи да се распушти и да ја прекине вооружената борба, објави новинска агенција блиска до групата.
Одлуката на ПКК ќе има далекусежни политички и безбедносни последици за регионот, вклучително и за соседна Сирија, каде што курдските сили се сојузници со американските сили.
Новинската агенција Фират објави, како што ја нарече, конечна декларација од конгресот што го одржа ПКК минатата недела во северен Ирак, како одговор на повикот на затворениот курдски лидер Абдула Оџалан во февруари за нејзино распуштање.
Канцеларијата на турскиот претседател Таип Ердоган и Министерството за надворешни работи сè уште не го коментираа соопштението. Повеќе од 40.000 луѓе се убиени во конфликтот откако ПКК започна бунт во 1984 година. Турција и нејзините западни сојузници ја означија ПКК за терористичка група.
Во април, провладини медиуми, повикувајќи се на безбедносни извори, објавија дека се очекува конгрес на ПКК на кој ќе се дискутира за распуштање на партијата во мај, а разоружување во јуни, како и дека нема одредба за помилување на Оџалан доколку групата биде распуштена.
Според изворите, во моментов се во тек подготовки за технички прашања како што се точките за предавање на оружјето и организацијата на процесот.
ПКК прогласи прекин на огнот на 1 март како одговор на повикот на Оџалан, кој од 1999 година отслужува доживотна казна затвор на островот Имрали во Мраморното Море.
Партијата објави дека е подготвена да свика конгрес за да се разговара за прашањето за самораспуштање, но само во лично присуство на лидерот.
ПКК нагласи дека примирјето е на сила сè додека никој не ги нападне единиците на партијата.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган се закани дека ќе ги продолжи операциите против ПКК доколку партијата прибегне кон трикови или го одложи процесот.
Ова не е прв пат Оџалан да упати ваков повик до ПКК од затвор.
Вооружениот конфликт со партијата започна во Турција во 1984 година и продолжи во 2015 година.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата