Според плановите, фабриката ќе достигне капацитет од 350.000 артилериски гранати годишно до 2027 година, а производството на ракетна артилерија е планирано од 2026 година, објавува „Блумберг“.
Инвестицијата вредна околу 500 милиони евра вклучува два главни објекти - еден за производство на гранати од 155 мм, а другиот за нивно полнење, склопување и пакување. На локацијата ќе бидат создадени повеќе од 500 нови работни места.
На церемонијата на отворање присуствуваа извршниот директор на „Рајнметал“, Армин Папергер, германскиот министер за финансии и вицеканцелар Ларс Клингбајл, министерот за одбрана Борис Писториус и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.
„Рајнметал“ претходно заврши уште еден голем проект во Германија - фабрика во близина на холандската граница каде што се произведуваат делови од трупот на американскиот борбен авион Ф-35.
Германската компанија го проширува своето производство на муниција низ цела Европа. Покрај постојните капацитети во Шпанија и Унгарија, гради фабрика во Литванија, планира комплекс во Бугарија што ќе вклучува фабрика за барут, а воедно води и разговори со латвиската влада.
Планови за Бугарија
Европскиот одбранбен гигант планира да произведува барут и артилериски гранати од 155 милиметри во Бугарија, како дел од два заеднички проекти со вкупна инвестиција од повеќе од 1 милијарда евра, соопшти вчера германската компанија.
Според Ројтерс, Рајнметал, еден од најголемите корисници на напорите на Европа за подобрување на своите одбранбени капацитети по руската инвазија на Украина, започнува заеднички проекти низ целиот континент за изградба на производствен капацитет.
Рајнметал веќе управува со центар за поправка на тенкови во Украина, а планот за изградба на фабрика за муниција во таа земја во моментов е одложен поради административни пречки и потреба од дополнително финансирање.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата