Јужната команда на САД (SOUTHCOM) на платформата „X“ соопшти дека бродовите транспортирале наркотици по познати рути за шверц. Информациите не можеа независно да се потврдат.
Според SOUTHCOM, тројца мажи биле убиени во првиот напад, двајца во вториот и тројца во третиот. Војската објави кратки видео снимки од воздух за кои вели дека ги прикажуваат нападите, при што секој брод изгледа како да е погоден од ракета.
Од септември, американските сили постојано таргетираат бродови во Карибите и источниот Пацифик за кои велат дека носат дрога, повикувајќи се на разузнавачки проценки. Војската јавно не доставила докази за да ги потврди тврдењата.
Според американските медиуми досега во операциите се убиени повеќе од 90 лица. Американската администрација ги опиша убиените како шверцери на дрога и „терористи“, но нападите предизвикаа остри критики.
Експертите за човекови права на ОН изјавија дека операциите може да го прекршат меѓународното право, опишувајќи ги убиствата како незаконски вонсудски убиства.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата