Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп во последните недели испрати серија документи до европските сојузници во кои го наведува својот план за обнова на Украина и реинтегрирање на Русија во глобалната економија, предизвикувајќи интензивни преговори и несогласувања меѓу Вашингтон и Европа, објави „Волстрит џурнал“.
Според документите, американските финансиски фирми и други бизниси планираат да користат околу 200 милијарди долари замрзнати руски средства за проекти во Украина, вклучително и изградба на масивен центар за податоци што би се напојувал од нуклеарна централа што моментално е под руска контрола.
Вториот дел од предлогот ја опишува визијата на САД за закрепнување на руската економија, вклучително и инвестиции во стратешки сектори како што се рударството на ретки метали, дупчењето на нафта во Арктикот и враќањето на енергетските текови кон Западна Европа и остатокот од светот.
Европските претставници изразија скептицизам во врска со предлозите, велејќи дека тие би можеле да ѝ дадат на Русија економско олеснување и да ги зајакнат нејзините воени капацитети.
Планот на американската администрација предизвика конфликт околу замрзнатите средства - САД планираат да ангажираат приватен капитал и менаџери од „Волстрит“ да инвестираат и да го зголемат достапниот фонд на 800 милијарди долари, додека Европа сака да ги насочи истите средства за поддршка на украинската влада, вклучително и купување оружје.
Трамп вчера разговараше со лидерите на Франција, Германија и Велика Британија за мировниот процес, додека американскиот тим интензивно се консултира со инвеститори од Волстрит и руски претставници, вклучувајќи го и рускиот претседател Владимир Путин, со цел да се дефинираат економските механизми за завршување на војната.
Европските лидери, особено Германија и Украина, изјавија дека се „скептични“ кон предлозите, нагласувајќи дека американскиот план би можел да ги „поткопа“ европските санкции и стратешката контрола врз енергетските ресурси, особено гасоводите што го снабдуваат континентот.
Предлозите на Вашингтон вклучуваат и планови за економска рехабилитација на украинските центри за податоци преку енергија од нуклеарната централа Запорожје, како и програма за вклучување на воените ветерани во ИТ проекти, што би им обезбедило плати според стандардите на Силиконската долина.
Преговорите меѓу американскиот тим, европските лидери и украинските претставници продолжија по телефон, а состаноците се планирани во Париз и Берлин во наредните денови, додека прашањето за руските санкции и инвестициите во стратешките сектори на Русија се смета за централно за идниот мировен договор, пренесе Телеграф.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата